ЕуроНикел ќе ги тужи Тасева и Транспаренси Интернешнл – Македонија за клевета

Од:

ЕуроНикел со отворено писмо ја информира претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева дека ќе поднесе тужба против Транспаренси Интернешнл – Македонија и нејзиниот претседател Слаѓана Тасева, за клевета. Откако претходно со официјален допис ЕуроНикел побара од Тасева јавно повлекување на изјавата дадена на 25 април, 2018 година и извинување за изнесената клевета, компанијата се до денешен ден не доби никаков повратен одговор, соопштуваат од компанијата.

„Верувајќи во исправноста и реномето на оваа организација како и во статусот на Слаѓана Тасева, ЕуроНикел пред поднесување на правниот акт даде доволно простор и време за да бидат повлечени сите невистини поврзани со компанијата. Спротивно, и Транспаренси Интернешнл-Македонија и Тасева продолжија одлучно и неосновано да го напаѓаат не само Еуроникел и компанијата основач ГСОЛ, туку и јавниот процес пропишан со закон кој строго и транспарентно беше спроведен од сите учесници во стечајната постапка“ се наведува во соопштението на ЕуроНикел.

Според нив, Транспаренси Интернешнл-Македонија и Тасева целосно ги игнорираат фактите кои јасно укажуваат дека ГСОЛ/Еуроникел јавно, транспарентно и недвосмислено во целиот изминат период ги искажува своите деловни намери за преземање на Фени Индустри, согласно важечката легислатива на Република Македонија и правилата на стечајната постапка.

„Сето тоа е поткрепено со конкретни активности и инвестиции за спас на компанијата. Искрената и долгорочна заложба на ГСОЛ/Еуроникел е очигледна преку хронолошки наведените активности и тоа: доставување на единствена понуда на јавниот повик за склучување договор за преработка на никелова руда, доставување на потребните депозити и банкарски гаранции во вкупен износ од 8 милиони евра, откуп на мнозинството побарувањата на доверителите во стечајната постапка од сите категории, поднесување на план за реорганизација, финансирање на тековниот оперативен процес итн. На тој начин досега ГСОЛ/Еуроникел има инвестирано над 60 милиони евра за откуп на побарувања и над 20 милиони евра за набавка на репро материјали и оперативни трошоци. Ваквите напори и инвестиции се целосно поддржани од вработените, синдикатите и деловните партнери на компанијата. ГСОЛ/Еуроникел обезбеди непречено работење на ФЕНИ Индустри АД во текот на стечајната постапка, ги заштити работните места на вработените и го зголеми нивниот број, го сочува имотот и опремата на ФЕНИ Индустри АД-во стечај, со што ги обезбеди интересите на сите засегнати страни, а особено на доверителите чии деловни активности исто така беа доведени на работ на пропаст. Непотребно е да се елаборира дека ниту еден друг наводен конкурент не презеде слични дејствија, не потроши ниту евро, ниту пристапи кон активности за да ги демонстрира своите сериозни намери“ се вели во соопштението на компанијата.

Како што пишува во соопштението на ЕуроНикел, единствена основа и извор за неиздржани наводи на Тасева и Транспаренси Интернешнл-Македонија се претходните сопственици кои го доведоа ФЕНИ во стечај, а вработените ги оставија неплатени.

„Оттука, поттикнати од целосното отсуство на интерес од ваша страна за причините кои го уништија ФЕНИ Индустри АД, како и за транспарентните обиди за негово заживување, а земајќи го предвид обемот на досегашна инвестиција на ГСОЛ/Еуроникел која преставува една од најголемите еднократни инвестиции во изминатата декада во Република Македонија, како и клеветничката намера и резултатите на вашето однесување, ве информираме дека ќе бидете соочени со тужба за да ги докажете вашите наводи и да ги аргументирате вашите неиздржани заклучоци за инволвираноста на ГСОЛ/Еуроникел во стечајната постапка на ФЕНИ Индустри АД, пред надлежните судови и органи, а со цел не само да го заштитиме нашиот углед и репутација и да ја обелодениме мотивацијата за вашите јавни појавувања и реакции во врска со стечајниот процес и иднината на ФЕНИ Индустри, туку и заради искоренување на ризиците по иднината на фабриката, нејзините вработени, засегнатите страни, нашата инвестиција и интересите на македонската економија“, стои во писмото од ЕуроНикел.

Писмото е доставено до Транспаренси Интернешнл-Македонија, Членовите на Управниот Одбор на Транспаренси Интернешнл-Македонија и до Надзорниот Одбор на Транспаренси Интернешнл-Македонија, велат од ЕуроНикел.

Би можело да ве интересира

Склучен е договор за продажба на „Еуроникел индустри“, се очекува поранешните вработени да се вратат на работа

Отворена стечајна постапка за поранешно Фени: На работниците им должи 2,18 милиони евра за плати

Орце Костов

Вработени во „Еуроникел“ ќе поднесат барање за стечај во фабриката

Синдикат на „Еуроникел”: Ќе чекаме по три плати до понеделник, ако не добиеме ќе бараме стечај

Работниците на „Еуроникел индустри” бараат побрзо да се најде инвеститор и сите да останат на работа

Синдикатот на „Еуроникел” со писмо до Комерцијална банка бара детали за иднината на фабриката