Гласот на Америка – Вашингтон
Невработеноста во ЕУ минатиот месец беше за речиси цел процент помала од истото време лани, но се уште над 23 милиони способни за работа, не се вработени.
Најмалку невработени има во Германија, а најмногу очекувано во Грција, точно четвртина од работноспособното население.
Овие податоци на Евростат сепак укажуваат дека Унијата полека излегува од криза, додека се уште е присутен проблемот со високата невработеност на младите.
Колку и да изгледаат оптимистички податоците на европската агенција за статистика, сепак боде очи фактот дека младите луѓе, по правило образовани и способни за работа, се уште ја чекаат својата шанса.
Речиси пет милиони млади до 25-годишна возраст се невработени и повеќе од половина млади во Грција, најтешко погодена од кризата, бараат работа, а по Грција следат Шпанија и Хрватска со 49, односно 43 отсто невработена млада популација.
Во европските членки од истокот на континентот се уште попрво се вработуваат мажи во однос на жени, а рекордер на таа неславна листа е Словенија со три отсто жени повеќе од мажи, кои чекаат на бирото за вработување.
Од бриселска перспектива, далеку најдобар работодавец е Европската комисија, која заедно со сите свои служби и мисии вработува околу 33.000 луѓе. Тука не станува збор само за високи плати, додатоци, даночни поволности, туку и за фактот дека таа мастодонтска машинерија ги има сите атрибути на држава во држава. Навистина сите, вклучувајќи го и сопствениот пасош.
– Кога ова го добив и го отворив, помислив тоа не може да биде сериозно! Дали навистина мислат дека ова може да се покаже на граница? За да го тестирам ова, тука добив и своја руска виза, изјави европската комесарка Кристалина Георгиева.
Шегата на страна, последните податоци на Евростат не зборуваат за сиромаштијата. Дури 120 милиони жители на ЕУ живеат под или на граница на сиромаштија, што вклучува една четвртина од сите европски деца, една петтина пензионери и речиси 10 отсто од тие кои работат и заработуваат малку пари со својот труд.
Планот на Брисел е до 2020 година од оваа армија на сиромашни да избришат барем 20 милиони. Значи, во најдобар случај, за пет години во ЕУ, која денес брои половина милијарда жители, ќе живеат 100 милиони сиромашни, што не е некоја светла перспектива.