Колеџот на комесари на Европската комисија денеска ја усвои новата Директива за тутунопроизводството, при што до Советот на министри на ЕУ и до Европскиот парламент предложи низа мерки со кои ќе ограничи и забрани голем дел од производството на ароматизиран тутун. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ориенталниот тутун кој е една од најголемите производствени гранки во Македонија, останува недопрен и истиот може да се произведува, бидејќи сопред Комисијата, тој не предизвикува проблеми како другите.
ЕК денеска се договори да се усвои забрана на ароматизиран тутун во сите земји-членки и кандидати за членство во Европската унија, меѓу кои е Македонија, како и да се воведат нови пакувања за цигарите на кои на 75 проценти од поврчината ќе бидат презентирани слики и предупредувања за штетноста што пушењето на цигари ја предизвикува по здравјето на луѓето.
– Оваа Директива се носи од причина што имаме 700 илјади смртни случаи годишно во границите на ЕУ предизвикани од пушењето на цигари. Оваа бројка секоја година се зголемува, а докажано е и дека пушачите умираат помлади и живеат 14 години помалку од непушачите, а покрај тоа тие се соочени и со загрозена здравствена состојба. Третирање на болестите предизвикани од пушењето на циари чини многу пари и околу 25 милијарди евра секоја година се трошат на лечење на болести поврзани со пушачките активности, појасни Тонио Борг, новиот комесар за здравство и потрошувачка политика, на денешното претставување на оваа Директива во зградата на Европската комисија.
Она што е најважно за Македонија, а што го потврдија од Комисијата е дека новата Директива е недискриминирачка и дозволува да продолжи производството и употребата на тутунските брендови „Ориентал”, „Вирџинија” и „Берли”, од кои ориенталниот масовно се произведува во Македонија. Според експертите од Директоратот за здравство и потрошувачка политика, овие видови на ароматизиран тутун технички не влијаат на силна промена на вкусот на цигарите и иститене се дотолку штетни, па поради тоа забраната не се однесува на нив.
– Нашиот предлог не е да се забрани производството и употребата на сите видови ароматизиран тутун, туку на некои продукти што прават цигарите да имаат вкус на пример на ментол, чоколадо или ванила, со што се привлекуваат млади лица д апочнат да пушат цигари. Нашата интенција е да се намали бројот на консументи на тутун за два проценти во наредните пет години во ЕУ. Не ги третираме пушачите како лепрозни, туку ги заштитуваме непушачите од чадот на пушачите, аи оние што користат цигари сакаме да ги предупредиме за опасностите што ги демнат од користењето на тутун, појасни комесарот Борг.
Во исто време, Комисијата предлага забрана и на т.н. Снуз, односно цигарите без чад или тутун за џвакање, освен во Шведска, каде што е дел од културата и оваа држава уште при влезот во ЕУ се заштитила со тоа дека Унијата никогаш нема да може да им го забрнаи производството и употребата на овој тутун. Исто така, се забрануваат и електронските цигари, како и тенките „слим” цигари, оти и тие имаат разорувачки ефект врз здравјето на луѓето.
Интересно, но засега во сила останува користењето на тутун преку луле и преку цигари кои се виткаат во табаци, како и на т.н. цигарилоси.
Инаку, овој предлог на Комисијата, најпрво треба да биде одобрен од Советот на министри на ЕУ, а потоа изгласан и во Европскиот парламент. По ова, земјите-членки на Унијата би требало да го имплементираат во своите национални законодавства, а според комесарот Борг, за целосното стапување во сила на оваа Директива е потребно најмалку три до четири години.