Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,54% во однос на одлуката од 21.03.2022 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Од 23.3.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 79,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 81,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 75,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 52,354 (денари/килограм)
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,540%, кај дизелот за 3,264%, кај екстра лесното масло за 3,762% и кај мазутот за 1,054%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,033%.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.3.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторната комисија.