Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест го поздравува носењето на новата стратегија за развој на енергетиката во земјава и посочува дека со неа првпат се предвидува напуштање на јагленот како енергенс и транзиција кон обновливи извори на енергија.
Сакаме, порачуваат од Еко-свест, да ја поздравиме ваквата одлука на Владата која, според нас, значи движење кон нискојаглероден развој на земјата и ублажување на климатските промени. Стратегијата во две од три можни сценарија предвидува затворање на сите термоелекрани на јаглен во земјата и транзиција кон обновливи извори на енергија.
-Владата презеде храбар чекор со тоа што дозволи граѓанските организации да бидат вклучени во раните фази на подготовката на стратегијата. Ова резултираше со стратегија со јасен патоказ кон напуштање на јагленот, што воедно носи големи можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, но и одговорност за националните и за локалните власти. Моментно е искучително важно да се работи со локалните заедници со цел да се испланира сеопфатна праведна транзиција на регионите зависни од јаглен во Осломеј и Битола, и да се обезбеди дека никој нема да биде оштетен, вели Невена Смилевска, програмски координатор за клима и енергија во Еко-свест.
Напуштањето на јагленот како енергенс, посочуваат од Еко-свест, значи и исполнување на обврските преземени од меѓународни сојузи и договори, меѓутоа уште позначајно значи заштита на здравјето на граѓаните, особено во регионите со јаглен.
-Термоелектраните на јаглен сериозно го нарушуваат здравјето на граѓаните од регионите каде се присутни, меѓутоа и во целата земја па и преку границите на нашата земја. Се надеваме дека одлуката за напуштање на јагленот како енергенс ќе се зацврсти дополнително и со забрана за загревање на домаќинствата со јаглен, потенцира Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.
Според Давор Пехчевски, координатор за кампањи против штетноста на фосилните горива во CEE Bankwatch Network, напуштањето на јагленот е чекор напред.
-Но, во планирањето мораме да бидеме внимателни со оформувањето на енергетскиот микс на земјата, вклучително и процесот на гасификација кој може значително да ги зголеми штетните емисии. Заштита на климата и на екосистемите значи дека и обновливата енергија мора да биде одржлива, а ова подразбира внимателен однос кон планирањето на хидроенергетските проекти поради нивното потенцијално негативно влијание врз животната средина, порачува Пехчевски.