Регулатоторното тело на банкарскиот сектор на Европската Унија, Европскиот банкарски орган (ЕБА) им препорачува на финанските компании да им овозможат на своите клиенти да вршат бесконтактни плаќања, со цел да придонесат во намалувањето на ризикот од ширење на коронавирусот. И централната банка во земјава и комерцијалните банки апелираат на користење безготовинско плаќање и помал контакт со кеш.
Врз основа на препораките на Светската здравствена организација (СЗО), ЕБА соопшти дека фирмите за наплатни услуги може да помогнат да се ограничи ширењето на вирусот, со тоа што ќе го олеснат плаќањето без физички контакт, односно без користење готовина, преку дебитни или кредитни картички или преку апликациите за мобилни телефони, како „Гугл Пај“ или „Епл Пај“.
– ЕБА ги охрабрува потрошувачите и трговците да ги преземат неопходните санитарни мерки на претпазливост при обезбедувањето или употребата на наплатните терминали во продавниците за кои е потребен ПИН, вклучително и да се разгледаат сите можни начини на наплата, како што се бесконтакни или далечински плаќања, се наведува во соопштението на регулаторното тело.
Претставник на компанијата за финансиски трансакции „Ворлдлајн“ во изјава за Ројтерс истакнал дека од некои трговци биле информирани дека не прифаќаат плаќања со готовина, туку бараат да се вршат безконтактните наплати.
По прогласената вонредна состојба во земјава банките и штедилниците работат и ги опслужуваат клиентите, но апелираат да не доаѓаат во експозитурите поради заштита и на вработените и на самите клиенти. Апелираат на користење безготовинско плаќање, а некои од нив ги укинаа и провизиите за електронски плаќања.
– Граѓаните да се воздржат од непотребни доаѓања во експозитурите и филијалите со цел да не се изложуваат на непотребен ризик. Сакаме уште еднаш да нагласиме дека банките и штедилниците остануваат отворени за соработка со клиентите, сите нивни услуги се достапни, а средствата на граѓаните се безбедни.
На граѓаните им се препорачува да не подигнуваат повеќе од потребната готовина за покривање на нивните потреби бидејќи нивните пари во банките и штедилниците се безбедни и им се на располагање во секое време. Особено треба да се воздржуваат од подигање готовина во девизи бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза на Ковид-19, а истите не се платежно средство во нашата земја и не се неопходни за нивните секојдневни потреби, апелираат банкарите.
Со цел заштита на вработените, дел од филијалите/експозитурите се привремено затворени, дел работат со скратено работно време, а банкоматите се сервисираат непрекинато. Клиентите, кои сепак, ги посетуваат експозитурите се замолени да чекаат надвор од објектот и се спроведуваат согласно препораките за заштита од ширење на вирусот.