До 29 април 2020 година се пролонгира рокот за поднесување апликации за користење ИПАРД средства за мерката Инвестиции во земјоделски стопанства, соопшти денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Пролонгирањето од 15 дена е поради новонастанатата состојба со коронавирусот.
Според директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, целта е да им се излезе во пресрет на сите земјоделци и стопанственици, да достават комплетни и квалитетни апликации.
-Очекуваме дека со овој дополнителен период ќе им овозможиме на заинтересираните да ги приберат сите потребни документи за да подготват инвестициски проекти кои во сите делови ќе ги задоволат условите кои се пропишани во ИПАРД Прогрмата, со што ќе се овозможи поголема искористеност на средствата, вели Бабовски.
Преку Мерката 1 се овозможува унапредување на домашните земјоделски стопанства како и унапредување на домашните претпријатија од агро сектрот.
-Сите што сакаат да аплицираат треба пополнетото барање за користење средства од ИПАРД Програмата 2014-2020 и целокупната потребна документација да ги достават во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“ за Јавен оглас ИПАРД број 01/2020 и назначување на мерката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта како препорачана пратка или лично во писарницата на Агенцијата до 29- ти април 2020. По завршување на инвестицијата, барателот е должен да достави до Агенцијата барање за исплата во рок утврден во Договорот за користење на средства, наведува Агенцијата.
Директорот Бабовски нагласува дека со оглед на состојбата со коронавирусот Агенцијата и целата ИПАРД структура, ги разгледуваат сите опции и работат на изнаоѓање соодветни решенија во интерес на земјоделците и корисниците околу апликациите, роковите и реализациите на проетите од ИПАРД и од националните програми за поддршка.