Долговите на јавните претпријатија и единиците на локална самоуправа кон ЕДС може да бидат главно оружје на Владата да ја исфрли грчката компанија од трката за универзален снабдувач за следните пет години.
Од компанијата сметаат дека толерирањето на долговите на јавните претпријатија и единиците на локалната самоуправа од страна на ЕДС ќе се третира како хендикеп иако компанијата една година наназад апелираше за поголема ажурност за претпријатијата за навремено подмирување на сметките за електрична енергија, подобро планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија и домаќинско трошење на струјата.
„Апелираме дека е неопходно Владата да помогне и кај јавните претпријатија што должат и кон останатите снабдувачи со електрична енергија на македонскиот пазар. Интервенцијата на Владата не смее да биде селективна и финансиската помош за покривање на долговите за електрична енергија не би требало да бидат насочени само кон еден снабдувач“, порачаа од грчката компанија која снабдува со електрична енергија повеќе од 550 правни субјекти, од кои над 200 се јавни претпријатија и институции.
Упатените во постапката неофицијално откриваат дека Владата одлучила на ЕВН да и го додели повикот, поради што постојат сомневања дека критериумите за останатите заинтересирани би можеле да бидат ограничувачки, што на крај може да ги потврди сомнежите дека изборот на универзален снабдувач за следните пет години ќе биде политичка одлука.
Владата на 11 декември го објави јавниот повик за универзален снабдувач на струја за домаќинствата и малите потошувачи, а на пазарот, освен ЕВН Хоум, интерес пројавија и други компании од овој сектор. Условот е понудувачите да имаат обезбедено работен капитал во вредност од 40 милиони евра.
Најсериозна конкуренција на овој повик доаѓа од ЕДС, зад која стои грчката ППЦ која има годишни приходи од близу 11 милијарди евра и има своите претставништва во повеќе земји низ југоисточна Европа.
– Очекуваме дека целата постапка за избор на нов универзален снабдувач за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде транспарентно спроведена, со почитување на начелата за фер конкуренција и дека ќе биде донесена одлука од која што најголема придобивка ќе имаат граѓаните. И токму она што е најголем интерес на граѓаните, го имавме ние како компанија предвид при подготовката за овој повик. Јавноста треба да знае дека нашата понуда ќе биде многу конкурентна и со значително пониска маржа – изјави првиот човек на ЕДСво Македонија, Милтиадес Бабилис.
Петгодишниот договор со ЕВН Хоум истекува следната година, а оваа компанија на 1 јули 2019 беше избрана за универзален енергетски снабдувач на струја, со понуда за маржа од 11,5 проценти.
Аналитичарите во енергетскиот сектор се согласни дека со зголемениот интерес за учество на тендерот за Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе се овозможи здрава конкуренција и намалување на маржата за снабдувачот, а тоа на крај би резултирало со пониски цени на електричната енергија за граѓаните.