Доларот зајакна, паднаа цените на нафтата

Од:

На повеќето Азиски берзи денеска цените на акциите пораснаа трет ден по ред, бидејќи се намалија стравувањата од банкарска криза и откако вчера берзанските индекси на Волстрит пораснаа за повеќе од 1 отсто. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, околу 7 часот порасна за 0,3 отсто, трет ден по ред.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи се лизна за 0,8 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Хонг Конг паднаа меѓу 0,2 и 0,7 отсто. Во Јужна Кореја и Австралија тие се зголемија меѓу 0,6 и 1 процент.

Кинеските берзански индекси утринава паднаа поради корекција на цените на акциите во технолошкиот сектор. Вчера тој сектор силно порасна, по веста дека Alibaba ќе биде поделена на шест деловни групи.

Тоа е најзначајното преструктуирање во историјата на Alibaba, а инвеститорите се надеваат дека тоа значи дека кинеските регулатори наскоро ќе ја прекинат истрагата за тоа како технолошката компанија работи.

Добро расположение има и на останатите азиски пазари, бидејќи вчера на Волстрит берзанските индекси значително пораснаа. Dow Jones зајакна 1,0 отсто, додека S&P 500 порасна за 1,4 отсто, а Nasdaq индексот 1,8 отсто.

По падот два дена по ред, индексот на технолошкиот сектор S&P вчера силно се зголеми, при што цената на акцијата на Micron Technology скокна за повеќе од 7 отсто.

Производителот на чипови најави дека неговите приходи ќе паднат во тековниот квартал, што е во согласност со очекувањата на пазарот, но дека неговата продажба ќе се зголеми во 2025 година поради развојот на вештачката интелигенција.

Ова поттикна раст на цените на акциите и другите производители на чипови, па индексот PHLX на тој сектор вчера скокна за 3,3 отсто.

„Микрон е еден вид микрокосмос на глобалната економија бидејќи неговите чипови одат во различни индустрии и сектори. Ако таа компанија е оптимист за нарачките, тоа значи дека целокупната економија оди добро“, рече Кинг Лип, стратег во BakerAvenue Wealth Management.

Инвеститорите беа охрабрени од уште неколку компании кои објавија солидни деловни резултати во тековниот квартал. Сезоната за објавување квартални извештаи на американските компании започнува кон средината на следниот месец. Позитивно на пазарот влијае и стабилизирањето на банкарскиот сектор, откако со недели беше под притисок поради пропаѓањето на банката Силиконската долина.

„Инвеститорите стануваат порелаксирани во однос на секторот секој ден“, рече Мајкл О’Рурк, стратег во JonesTrading.

А на валутните пазари благо порасна вредноста на доларот во однос на кошничката на валути. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 102,73 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 102,57 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 131,60 на 132,75 јени. И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0830 долари, додека вчера во ова време беше 1,0845 долари.

Цените на нафтата благо паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,31 отсто, на 78,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,26 отсто, на 72,80 долари.

Би можело да ве интересира

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Цените на нафтата скокнаа за над 8 отсто минатата недела поради ескалацијата на Блискиот Исток

Скокна цената на нафтата поради изјавата за нападот на Иран на Израел

Катерина Ѓуровски

Поевтинува мазутот