Дојран, со помош на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, ќе креира регионална туристичка понуда за привлекување туристи во текот на целата година, беше договорено на средбата за стратешко продлабочување на соработката меѓу директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски и дојранскиот градоначалник Анго Ангов.
Како примарно е договорено учеството на Меѓународниот туристички саем во Белград, како примарен пазар, за што во најскоро време треба да се изработи промотивниот материјал за претставување на Дојран.
– Договоривме инвестиции за изградба на нови автокампови, организирање посета на инфлуенсери за гастрономија во Дојран, туристичко означување на дестинацијата и заедничко аплицирање на ИПА проекти за развој на туризмот во Дојран, рече Ангов.
Со имплементација на овие активности, Јаневски и Ангов очекуваат нови инвестиции во туристичкиот сектор, како и зголемување за 20 отсто на ноќевањата кои ќе бидат остварени во наредната 2022 година.