Работата од дома мора дополнително да се оданочи за да им се помогне на работниците кои се изложени на ризик, стои во нов извештај на Дојче банк, во кој економистите на банката предлагаат дополнителен данок од пет проценти од платата на работникот доколку тој одлучи да работи од дома.
Данокот ќе го плаќаат работодавците, а остварениот приход ќе се исплатува на луѓето кои не можат да ја работат својата работа од дома. Тоа може да генерира 48 милијарди долари доколку се воведе во САД и ќе помогне во воспоставувањето рамнотежа, соопшти банката.
Во извештајот се тврди дека тоа е фер, бидејќи оние што работат од дома заштедуваат пари и не плаќаат во системот како оние што одат на работа.
Во Велика Британија, Дојче банк проценува дека данокот ќе генерира 6,9 милијарди фунти годишно, што може да исплати грантови од 2.000 фунти годишно на работници со ниски примања и на оние кои се изложени на ризик од технолошки вишок.
– Со години ни треба данок за работници од дома, напиша стратегот на Дојче банк, Лук Темплмен. – Ковид само го покажа тоа. Едноставно, нашиот економски систем не е создаден да се справи со луѓе кои можат да се отцепат од општеството.