Претставници на компанијата „Филип Морис денеска ќе одржат средба со премиерот Никола Груевски. По средбата ќе биде потпишан договор за стратешко партнерство помеѓу „Филип Морис“ и Тутунскиот комбинат-Прилеп.
Текстот на договорот беше усогласен во април, а потпишувањето беше најавено по негово усвојување од Генералното собрание на Тутунскиот комбинат и завршување на изборите.
Постигнат е договор за заедничко вложување кое произлезе од објавениот повик за стратешко партнерство во јули минатата година. Стратешкото партнерство ќе се реализира преку формирање ново друштво со ограничена одговорност во кое Филип Морис Интернешнл менаџмент ќе има 51 процент капитал учество, а ТК Прилеп 49 проценти.
Новоформираното друштво, според најавите, ќе биде одговорно за производство, дистрибуција промоција и продажба на брендовите од заедничкото портфолио на домашниот пазар. Дополнително со договорот се обезбедува директен пласман на Тутунскиот комбинат Прилеп на значителни количини македонски ориентален тутун за потребите на Филип Морис. Долгорочен ефект од стратешкото партнерство треба да биде стабилизирање на работењето на Тутунскиот комбинат Прилеп.