До 15 часот беа доделени над 80 отсто од предвидените 6.182 ваучера за купување инвертер клими, со цел зголемување на енергетската ефикасност на домаќинствата низ целата држава, информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Како што велат оттаму, процесот се одвива непречено и ефикасно, благодарение на внимателното планирање и целосната ангажираност на тимот на Министерството, со што на граѓаните им се овозможи брзо и лесно подигнување на ваучерите.
-Во рамки на процесот на доделување до 16 часот, само во Скопје беа доделени над 1.400 ваучери или над 75 отсто од вкупниот број. Иако на почетокот на денот беше забележана зголемена посетеност на граѓани, доделувањето се одвиваше непречено и во поголемиот дел од денот немаше долги редици пред СЦ „Борис Трајковски“, посочуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во согласност со предвидената динамика, како што нагласуваат, доделувањето успешно се спроведува и на другите 30 локации низ Македонија, каде што граѓаните можат лесно да ги подигнат своите ваучери за купување и инсталирање на инвертер клима уреди.
-Според првичните информации од тимовите на Министерството, во повеќето градови како Струга, Радовиш, Штип, Кичево и други, граѓаните подигнале над 90 отсто од ваучерите, што е доказ за успешноста на овој начин на дистрибуција на ваучерите, потенцираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката за енергетика Сања Божиновска во изјава за медиумите дадена пред СЦ „Борис Трајковски“ рече дека е овозможена дополнителна флексибилност за граѓаните кои нема да можат да ги подигнат своите ваучери веднаш, тоа да го направат директно во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Таа го истакна значењето на мерката за енергетска ефикасност, нагласувајќи дека оваа програма со вкупен износ од 155 милиони денари не само што придонесува кон подобрување на животниот стандард, туку и кон заштита на животната средина преку намалена потрошувачка на електрична енергија.