„Мора да се прави разлика меѓу увозот на храна и производство на земјоделски производи зашто станува збор за две сосема различни категории“. Ова го изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, одговорајќи на новинарско прашање зошто и покрај исплатените субвенции во изминатите шест години расте увозот на храна.
Според министерот, увозот на храна мора да се анализира, да се знае кои производи се внесуваат.
„Зголемениот увоз на храна, меѓу другото, е и зголемување на стандардот во државата зашто пазарот е слободен и дозволува секому, според потребите, да троши какви сака производи. Не можеме да им забраниме на граѓаните да купуваат производи со повисока вредност и поголем квалитет од домашните доколку така ценат“, рече Димовски по состанокот на Комитетот за следење на ИПАРД.
Сепак, додаде, ситуацијата треба објективно да се согледува.
„Производството на земјоделски производи во изминатите 5 до 6 години е зголемено, особено извозот кој од 242 милиона евра во 2006 година се зголеми на речиси 500 милиони во 2012 година што е драстичен скок како резултат на владините мерки и политики“, рече министерот Димовски.