Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска, во рамки на работната посета на Брисел, на покана од Милан Звер, член на Европскиот парламент и на Европскиот совет на млади земјоделци (ЦЕЈА), беше гостин-говорник на Третото издание на ЦЕЈА.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Димовски учествуваше и на тркалезната маса „Младите фармери обезбедуваат одржлив развој за иднината на Европа“ што се одржа во Европскиот парламент. Тој во обраќањето порача дека како земја која сака членство во ЕУ, Македонија има за цел да ги усогласи регулативите и инструментите со ЕУ политиката и легислативата.
– Oваа задача не е лесна и бара постојано балансирање меѓу нивото на усогласеност со ЕУ стандардите и реорганизација на земјоделскиот сектор кој е една од најзначајните гранки во македонската економија. Земјоделството зазема висока позиција во економијата на нашата земја и изнесува околу 15 проценти од бруто домашниот производ (БДП), ако се додаде и преработувачката индустрија. Тоа е основна гранка на 43 проценти од вкупно население, на 87 отсто од руралните области во Македонија, а 21 процент од работната сила кај нас е ангажирана во оваа гранка, истакна македонскиот министер во Европскиот парламент.
Главен предизвик во овој сектор, додаде, е неповолната старосна структура на земјоделските стопанства со кои управуваат постари луѓе, а младите немаат интерес да се занимаваат со оваа гранка. Во 2007 година, врз основа на владината Национална стратегија за земјоделски и рурален развој 2007-2013 година, со усогласување на законодавство со ЕУ, Владата направи распределба на значителни буџетски средства за директна поддршка на инвестициите за рурален развој.
– Целта одеше во два правца, зголемување и стабилизација на приходите на земјоделците и покривање на дел од трошоците за инвестиции за реконстриуирање и поддршка на земјоделското стопанство. Извршивме поттик на нови инвестиции и влез на свеж капитал за земјоделскиот сектор да стане попривлечен за зголемување на инвестициите. Република Македонија како и другите земји од ЕУ, во време на економски промени се соочува со синдром на стареење на населението и младите гледат да градат идна кариера на други места, додаде Димовски.
Според него, со секоја политичка одлука се настојува да се изврши промоција на улогата на младите во земјоделството и да се подобри старосната структура во земјоделскиот сектор и економска активност привлечна за младите. Прв чекор е менување на сликата за земјоделството за на него да се гледа како на бизнис, а не како на општествена активност.
– Од 2012 година спроведуваме мерка за поддршка на младите фармери со обезбедување грантови од 10.000 евра поединечно на младите чии родители им пренеле сопственост на земјоделско стопанство. Паралелно, продолжуваме да работиме во насока на подобрување на квалитетот на живот во руралните средини и на зголемување на образованието во земјоделството, како и овозможување дисперзирани студии со префрлување во местата од каде што доаѓаат студентите. Овој образовен систем придонесе за зголемен интерес на младите во руралните средини и тие да ја продолжат својата кариера во земјоделството, образложи Димовски.
Истакна дека стратешка цел на македонската Влада е поддршка и создавање работни места преку отворање се повеќе можности преку кофинансирање и диверзификација на економските активности во руралните средини, во што клучна улога играат и ИПА-фондовите.