„Ја отвораме државата за сите инвеститори кои ќе донесат поголема додадена вредност, стабилни работни места и повисоки плати за нашите сограѓани. Повеќе не се претставуваме како земја со евтина работна сила и се стремиме да овозможиме достоинствен живот за секого. Додадената вредност на самиот проект е тоа што треба да не движи напред“, истакна Јован Деспотовски директор на ТИРЗ пред романските стопанственици на македонско-романскиот економски форум организиран од Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Амбасадата на Романија во Република Северна Македонија и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Деспотовски на романските компании им ги презентираше можностите за инвестирање во земјава и новиот концепт за привлекување на инвестиции на ТИРЗ.
„Она што не прави различни е новиот индивидуализиран пакет за државна помош, креиран врз анализа на инвестициски планови и профил на компанијата, како и новиот систем за грижа на корисници, таканаречен систем „на една влезна точка“ кој нуди поедноставен пристап до услугите за компаниите и персонализирана поддршка“, рече Деспотовски.
Деспотовски посочи дека инвеститорите веќе го препознаваат новиот концепт и поволната бизнис клима во земјава.
„Само во изминативе неколку месеци успеавме да покренеме интерес кај над 30 компании, актуелни и потенцијални инвеститори за обем на инвестиции од над 425 милиони евра, кои треба да донесат нови 8500 работни места. Ова е доказ дека со таргетирани сет мерки можеме да креираме нов развоен концепт на македонската економија кој ќе се базира на инвестиции од кој ќе имаат бенефит и компаниите, и државата, но и граѓаните“, посочи Деспотовски.
Тој истакна дека пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори.
На форумот присуствуваа претставници на дваесет романски компании од различни сектори, како што се: градежништво, туризам, енергетика, информатичките технологии.