Земјоделците најдоцна денеска или утре треба да ги добијат субвенциите, вкупно 224.571.508 денари, за кои Платежната агенција веќе ги потпиша налозите. До крајот на месецот, пак, дополнително ќе бидат исплатени уште 170 милиони денари за кои списоците во моментов се изготвуваат и треба да бидат донесени во Платежната агенција на потпис.
Како што изјави директорот на Платежната агенција Игор Златков, пари има и тие се префрлаат етапно. Најпрво, комплетната, претходно проверена документација директно на терен, се доставува до Агенцијата на потпис, врз основа на тоа се потпишуваат налозите и потоа парите се пуштаат во трезорот, а оттаму кај корисниците на поддршката.
Според Златков, логично е дека најпрво ќе се реализираат субвенциите од 2015 година чија исплата не е заборавена, туку е забавена поради контролите. Станува збор за многу мал процент за градинарство, поледелство, лозарство, овоштарство, овчарство, сертифицирано семе и саден материјал, говедарство, козарство, свињарство, пчеларство и живинарство.
– Субвенциите од 2015 година кои сега ќе се реализираат, не се заборавени исплати, туку се исплати кои биле предмет на контрола. Платежната агенција исплаќа поддршка само врз основа на направена контрола. Тоа значи дека ако некој предал жито, млеко,…, ние треба да појдеме на терен, да провериме кај се тие документи, каде производителот предал, во кое откупно претпријатие, па дури тогаш правиме налог за исплата. Оттука, сите останати субвенции од 2015 година биле предмет на контрола, а процесот се одолговлекол зашто лицата кај кои е вршена проверка или не биле дома или ја немале комплетната документација…, објасни директорот.
Не треба, рече, Федерацијата на фармери или кој било друг да кажува дека најпрво треба да се процесираат средствата од 2015 година.
– Ако не беше Федерацијата на фармери, немаше да знаеме како да работиме. Па, се разбира дека човек кога должи во продавница, прво го отплаќа најрано направениот долг, а потоа останатиот, истакна Златков.
Директорот потенцира дека пари има и тие се во Платежната агенција, а субвенциите легнуваат на сметка на корисниците најдоцна ден – два од потпишувањето на налозите.
– Не се точни тврдењата дека нема пари во државата. Околу 92 до 93 милиони денари се легнати на сметка на Платежната агенција, административната бариера од аспект на мојата документација е надмината и само во вторник се потпишаа налози за исплата на 224.571.508 денари кои од кај нас одат во трезор, а оттаму на сметка на земјоделските стопанства, подвлече директорот.
Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, Платежната агенција е обврзана до 30 јуни тековната година да ги префрли субвенциите од претходната реколта.
До утре, 31 март, се планира да се подготват решенија за произведено и предадено млеко од 2016 (трета фаза), за околу 170.000.000 денари. Подготовката на предлог-решенија за 2016 ќе продолжи во континуитет до 30 јуни, за вкупно 3.540.000.000 денари. Од овие, како што информира Златков, за поледелство се 800.000.000, за градинарство 370.000.000, за лозарство 400.000.000, за овоштарство 350.000.000, за производство на сертифицирано семе и саден материјал 40.000.0000, за говедарство 450.000.000, за овчарство 770.000.000, за козарство 80.000.000, за свињарство 130.000.000, за пчеларство 125.000.000 и за живинарство 25.000.000 денари.
Од веќе потпишаните за исплата 224.571.508 денари финансиска поддршка, 157.178.973 денари се за произведено и предадено млеко во 2016, 1.343.451 за произведена и продадена оризова арпа од реколта 2015, 18.352.002 за произведено и продаденои млеко во 2015, 4.437.365 за произведено и предадено млеко во 2014, 5.700.192 денара дополнителна помош за регистрирани земјоделци во 2015, 28.361.976 дополнителна помош за земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за 2015 и 9.197.549 за органско производство во 2015.
– Откако ќе ги достават списоците сите претпријатија кои откупуваат тутун, на производителите кои ја предадоа реколтата, треба да им исплатиме 1.500.000.000 денари. Наскоро се планира подготовка и на овие предлог-решенија од програмата за 2017 година, дополни директорот.
За директните субвенции во 2017 година Владата има обезбедено 100 милиони евра, но поради различното толкување на Изборниот законик по последните парламентарни избори дојде до пречки во нивното исплаќање. По стапувањето на Златков на функцијата директор на Платежната агенција, исплатата продолжува непречено.