Во рамки на Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси денеска на поле во близина на село Брвеница ќе се одржи демонстрација на користењето на системот за наводнување „капка по капка“ за одгледување на пченка.
Системот за наводнување капка по капка ќе им овозможи на земјоделците да добијат повисоки приноси на пченка и силажа, притоа заштедувајќи време и вода.
Од повисокото производство на пченка и силажа особена корист имаат млекопроизводителите, кои со остварените приноси можат подобро да ги задоволат потребите на својата стока и да произведат поголема количина на млеко.
Во текот на оваа и минатата година, со помош од УСАИД, повеќе од 120 земјоделци добија системи капка по капка, техничка поддршка и совети за наводнување.
Земјоделците кои минатата година ги употребувале овие системи оствариле приноси просечно повисоки за 44 проценти за зрно и 37 проценти за силажа, а највисоките остварени приноси достигнаа до 17 тони по хектар за зрно и 112 тони по хектар за силажа.