Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски од денеска до 7 ноември ќе учествуа на третиот Регионален форум за иновација, технологија и претприемништво во Сараево – Sarajevo Unlimited 2018, каде што ќе ги претстави мерките и активностите што ги презема државата за зголемувањето на економскиот раст преку поддршка на успешни иновативни бизниси.
Sarajevo Unlimited 2018 претставува прв регионален форум за иновација, технологија и претприемништво, а целта на настанот е создавање платформа што ќе ги претстави и акцентира успешните приказни на она што веќе е постигнато во регионот во однос на имплементирање на иновациите во образованието и бизнис еко-системот, но и поефикасно поврзување на инвеститорите, пазарите и релевантните институции.
Во рамките на третото издание на форумот ќе се одржи и посебна конференција за Кина и земјите од Централна и Источна Европа- „16+1“, на која претставници од единаесет земји од Европската Унија и пет балкански земји ќе остварат средба за да ја промовираат соработката во областа на иновациите, технологијата, науката и претприемништвото.
Се очекува повеќе од 400 странски делегати да го посетат форумот, вклучувајќи и претставници на владини институции, корпорации, универзитети и истражувачки центри, како и креативни хабови.