Од 2008 година бројот на вработените во градежништвото е намален од 108.000 на 72.000, значи 33 отсто, дејноста на градежништвото и индустријата на градежни материјали е на колена, предупреди претседателот на Синдикатот Иван Ковачиќ.
Поради тешката состојба во градежниот сектор Синдикатот и Задругата од почетокот на јуни на 200 меродавни адреси испратија своја Иницијатива за фер цени во градежништвото во која предупредија на таа состојба и предложија мерки таа да се поправи, но одзивот е поразителен.
– Одзивот е поразителен, речиси никој не ни одговори – рече Јасенка Лукшиќ од Синдикатот на градежниците, наведувајќи дека дописите ги пратиле по ресорните министерства, Владата, Собранието, жупаниите, градовите, ХГК.
Со иницијативата се бара измена на Законот за јавна набавка, критериумот за избор на понудувач да биде најдобар, а не само најефтина понуда.
Директорот на Здружението на работодавци на градежништвото Зденко Каракаш вели дека јавните порачатели, а меѓу нив се сите државни и сите органи на подрачната и локалната управа, сакаат само да склучат каков било договор, последиците не ги интересираат, па не е реткост договореното да се одработи лошо, или да не се одработи воопшто.
Државата толерира неспособност
Зборуваме за фер цена, сериозните компании нема да одат на тендер со ниска цена, бидејќи знаат дека ќе пропаднат, вели Каракаш и ја посочува државата дека свесно толерира неспособност.
Претседателот на Здружението Мирко Хабјанец, предупредува и на проблемот на нелојална конкуренција, исплата на рака. Невозможно е еден инжинер да добива плата од 12.000 куни, а друг да е пријавен на најниска, а остатокот да го добива на рака, истакна Хабјанец и порача дека исплатата на плати на црно е смрт за стопанството.
Здружението и Сидникатот во својата Иницијатива за фер цени во градежништвото бараат и креирање на мерки против основање на еднократни компании, донесување на закон за спречување на работа на црно, воспоставување на квалитетен систем на проверка за способноста и квалитетите на понудувачот, стабилни услови за работа, брзо усвојување на ЕУ директивите.
Danas.hr