Цената на златото денеска се доближи до највисокото ниво во последните осум години, а новиот пораст се должи на новозаболените со Ковид-19 во светот и сомнежот дека набрзо ќе се обнови економијата, објаснуваат експертите.
Цената на унца (околу 28 грама) злато денеска се зголеми за 0,6 проценти и се тргуваше за 1.778,20 долари, што е највисока од октомври 2012 година. Додека на американските берзи цената на златото е зголемена за 0,7 отсто и унца се тргува за 1.749, 30 долари.
Побарувачката за злато е поттикната од загриженоста поради зголемениот број на инфицирани со новиот коронавирус. Централните банки низ целиот свет веќе ги зголемија мерките за стимулирање, а и ги задржаа на ниско ниво каматните стапки, со цел да ги ублажат ефектите од пандемијата врз економијата.
Во таков амбиент, инвеститорите сакаат да се заштитат од потенцијалниот раст на инфлацијата и пад на вредноста на националните валути, па сè повеќе купуваат злато, чија цена годинава порасна за повеќе од 16 проценти.