Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција рече дека не очекува просечната цена на струјата за домаќинствата да се зголеми за повеќе од еден процент, почнувајќи од 1 јануари идната година.
„Процедурата за формирање на крајна цена за домаќинствата и малите потрошувачи која ќе биде на сила од 1 јануари е практично поделена во два комплементарни дела: едниот кој ние го регулираме – во делот на услугите на вршителите на енергетски дејности за пренос и дистрибуција на електрична енергија и вториот дел е цената на производот – електрична енергија. Ние денеска го презентиравме нашиот сегмент, елементите кои зафаќаат околу 38% во крајната цена. Вториот елемент е цената и количината која ЕСМ ја понуди во четвртокот кон Универзалниот снабдувач, а тоа е 62 евра за MWh за покривање на 100 % од вкупно планираните количини. Сега, следува финалната фаза која ќе се одвива под комплетен наш надзор. Имено Универзалниот снабдувач – ЕВН ХОМЕ ќе ја пресмета финалната цена на електрична енергија, согласно Методологијата утврдена од наша страна и ќе ја достави до РКЕ. Ние ќе го провериме целиот процес, односно дали Тарифниот систем со методологијата е соодветно применет и ако не е согласно истиот – ќе ја вратиме на доуредување. Потоа цените ќе бидат објавени “ изјави Марко Бислимоски претседател на РКЕ.
На денешната одржана главна седница РКЕ донесе одлука со која надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ се намалува за 5,52 % (учество во крајна цена околу 33%), додека надоместокот за користење на за преносниот систем МЕПСО се зголемува за 5,67% (учество во крајна цена околу 4%) и цената на НЕМО кое е со незначително учество во крајната цена (од околу 0,19 %) се зголемува за 19,8%.
Инаку МЕПСО побара зголемување +50,58%, МЕМО +78,58% во однос на постојната просечна тарифа, Електродистрибуција поднесе податоци во којшто не беа вклучени трошоци за покривање на загуби со оглед дека не беше завршена постапката за набавка на електрична енергија за покривање на загуби.