Царинската војна збриша 5.000 милијарди долари за два дена

Од:

На светските берзи минатата недела, цените на акциите забележаа најголем неделен пад од корона кризата во 2020 година, бидејќи Вашингтон најави драстични увозни давачки, а Пекинг возврати со контрамерки.

На Волстрит минатата недела, Dow Jones падна за 7,9 отсто, на 38.314 поени, додека S&P 500 потона за 9,1 отсто, на 5.074 поени, а индексот Nasdaq за 10 отсто, на 15.587 поени.

На почетокот на неделата се чинеше дека пазарот може да се опорави од падот од претходната недела, бидејќи инвеститорите се обложуваа дека Вашингтон ќе биде попустлив за долгонајавуваните царини.

Но, во средата следеше „ладен туш“ – американскиот претседател Доналд Трамп најави царини од 10 отсто за целиот американски увоз, како и дополнителни реципрочни царини за многу земји со кои САД имаат трговски дефицит.

Никој не очекуваше толку драстични царини, па така во четвртокот нагло паднаа сите најголеми светски берзи, од Азија, преку Европа, па се до САД.

Пооптимистичките инвеститори се надеваа на смирување на пазарот, но во петокот притисокот на берзите дополнително се засили, откако Кина најави контрамерки, царини од 34 отсто на целиот увоз од САД, точно колку што Трамп ја одреди за царини за увоз на кинески стоки.

Така, Пекинг внимателно ги следи потезите на Вашингтон. Имено, Трамп веќе воведе царини од 20 отсто за увоз на кинески стоки, а Пекинг брзо возврати со истата мерка.

Оваа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии, стравуваат инвеститорите, може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.

Дотолку повеќе што голем број други земји, вклучително и Европската Унија, најавија контрамерки против царините на Трамп.

Аналитичарите на банката JP Morgan проценуваат дека има 60 отсто шанси светската економија да западне во рецесија до крајот на годината.

Поради сето ова, во последните два дена од минатата недела Dow Jones потона за 9,3 отсто, S&P 500 10,5, а Nasdaq индексот за 11,4 отсто на Волстрит.

Ова е најголем дводневен пад на овие индекси од 2020 година, кога на пазарите владееше паника поради пандемијата на коронавирус.

Во тие два дена само на Волстрит беа збришани повеќе од 5.000 милијарди долари од пазарната вредност на компаниите од индексот S&P 500.

Дури ни претседателот на американската централна банка Џером Пауел не им даде утеха на инвеститорите, иако Трамп ја повика ФЕД да ги намали каматните стапки, што ќе ги поддржи пазарите.

Пауел ги игнорираше повиците на Трамп и во петокот рече дека централната банка ќе почека со своите потези додека влијанието на потезите на Трамп врз економијата не бидат појасни.

Пауел рече дека најавените царини се значително повисоки од очекуваните, така што ќе бидат и економските влијанија, вклучително и повисока инфлација и забавување на економскиот раст.

„Колку овие влијанија ќе бидат силни и колку долго ќе траат е неизвесно“, рече Пауел и посочи дека централната банка е добро позиционирана да чека појасна слика за да ги прилагоди своите политики.

По минатонеделниот пад, Dow Jones и S&P 500 индексот паднаа длабоко на територијата на корекција, повеќе од 10 отсто под нивните рекордни максимални достигнувања во февруари.

И додека сите најважни индекси на Волстрит паднаа, индексот „страв“ VIX скокна на највисоко ниво од 2020 година и кризата со корона. Тоа значи дека инвеститорите се повеќе ги осигуруваат своите портфолија од можен понатамошен пад на цените на акциите.

„Пазарот можеби е блиску до неговото краткорочно дно, но ние сме загрижени за влијанието на глобалната трговска војна врз долгорочниот економски раст“, ​​рече Емили Боверсок Хил, управен директор во Bowersock Capital Partners.

И на сите други најголеми светски берзи цените на акциите драстично паднаа минатата недела. Меѓу другото, индексот STOXX 600 на најважните европски акции потона за 8,3 отсто.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс се лизна за 7 отсто, на 8.054 поени, додека франкфуртски DAX потона за 8 отсто, на 20.641 поен, а париски CAC 8,1 отсто, на 7.274 поени.

Би можело да ве интересира

Тарифата за Македонија очигледно е грешка, очекувам да се корегира, вели Мицкоски

Која е логиката за воведување царини на островите на кои има само пингвини

Катерина Ѓуровски

„Трамп се обидува да изеде цел слон во еден залак“

Катерина Ѓуровски

Трамп воведе највисоки царини за една од најсиромашните земји во светот

Стармер: Светот каков што го знаевме повеќе не постои

Горан Наумовски

ЕУ ќе воведе контрамерки на американските царини