Царинската управа минатата година од приходи што ги собира во буџетот има слеано 48 милијарди денари. Зголемување, како што информира директорот Ванчо Каргов, има и над планираното и во однос на 2011 година.
– Заклучно со 31 декември 2012 година наплатени се вкупно 49.963 милиони денари буџетски приходи од увоз, што е за три проценти повеќе во однос на овој период во 2011 година при што од царина и други царински давачки наплатени се 4.094 милиони денари, што е за 7 отсто повеќе во однос на 2011 година и е 1,65 проценти повеќе во однос на проектираните, рече Каргов.
Тој додаде дека по основ на акциза од увоз и внатрешен промет наплатен е износ од 16.595 милиони денари, што е за 3,78 отсто повеќе од проектираните. Најголемиот дел се од нафтените деривати, потоа автомобилите, алкохолот и цигарите.
Царината, како што рече, има наплатено и 2.232 милиони денари од надоместоци што ги прибира по основ на екологија, здравство и слично. Донесени се и 1.329 извршни управни решенија за дополнителна наплата на царински долг во износ од 515 милиони денари од кои наплатени се 1.150 решенија со износ од 198 милиони денари.
Говорејќи за сработеното во 2012 година, Каргов потенцира дека Царината има поднесено 91 кривична пријава против 141 правни и физички лица со кои се избегнати давачки околу 300 милиони денари. Посочи на запленети 57 килограми дрога, 710 илјади евра во различни валути, 306 илјади парчиња цигари, како и 650 илјади парчиња разновидна стока, меѓу кои текстил, благородни метали, накит и модни додатоци, уметнички дела, медикаменти и медицинска опрема, техничка стока, козметички производи, живи животни, книги и слично.
Минатата година, спречени се и повеќе обиди за нелегален влез на 13 странски државјани на територијата на Република Македонија.
Соработката со бизнис секторот ја оцени како одлична. Потенцира дека е овозможено 24-часовно извозно царинење на граничните премини Табановце и Кафасан.