Блокада на патот Кавадарци-Дреново, поставија денеска доверители на „Фени”, кои преку мирен протест го изразија незадоволството поради неисплатени побарувања од страна на комбинатот.
Томе Ангелов, директор на компанијата „Ролис ГМ“, појасни дека тие во изминатиот период имале задача да ја снабдуваат фабриката со основниот репроматеријал, руда. Три компании се одлучиле на протест поради неисплатен долг од осум милиони евра. Преговори имало, но резултати не.
– Има некое селективно решавање на проблемите. Тоа е добро, но ние сакаме нашиот проблем да биде решен. Слушнавме во јавноста дека има една компанија од Бугарија заинтересирана за 100 отсто откуп на акциите од доверителите и дополнителни 30 милиони евра дополнителна инвестиција. Тоа ни дава надеж за подолг век на фабриката. Со оглед дека во моментот една странска компанија ја работи фабриката под наем, се надеваме дека и тие имаат исти намери, затоа бараме од стечајниот управник што побрзо да ја забрза постапката и да се огласи јавно наддавање за идниот сопственик на фабриката. Во еден транспарентен начин нека се одлучи кој ќе биде, нагласи тој, додавајќи дека нивна цел е да ги добијат средствата кои ги побаруваат.