Биоекономија – нов концепт во земјоделството

Од:

Економски раст, социјален напредок и одговорно, одржливо користење на природните ресурси за заштита на животната средина, се основните принципи на биоекономијата – нов стратегиски правец во современото земјоделство.

Биоекономијата беше промовирана на годинашниот Глобален форум за храна и земјоделство во Берлин на кој, покрај своите колеги од 70 земји, учествуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Пренесувајќи ги заклучоците од Форумот, Цветков, во разговор за МИА, подвлекува една од пораките: Секоја земја треба да развие сопствен модел на биоекономија кој ќе ги интегрира расположливите потенцијали.

– На новиот стратегиски правец кој се нарекува биоекономија, во иднина ќе се посветува големо внимание. Концептот го опфаќа производството на обновливи биолошки ресурси и претворање на тие ресурси во производи со додадена вредност како храна, добиточна храна, биоенергија и биопроизводи, вели министерот Цветков.

Како што било нагласено, земјоделското производство на глобално ниво мора да се зголеми и да ги намали загубите за да ја задоволи побарувачката на популацијата која станува се побројна.

– Основна задача во претстојниот период ќе биде развивање ефикасен земјоделски сектор согласно новите потреби, сектор кој ќе ја надмине рамката на производство на храна и ќе претставува движечка сила на биоекономијата. Со ресурси кои стануваат се поограничени, мора да се зголеми продуктивноста. Производство мора да биде економски оправдано, еколошки компатибилно и општествено одговорно. За ова се потребни технологија, знаење, искуство и инвестиции, објаснува министерот.

Заедничка била констатацијата дека поради недостигот од фосилни горива, влијанието на климатските промени, загадената животна средина и несигурноста во снабдувањето со енергија, примената на обновливите извори на енергија и подобрувањето на енергетската ефикасност се неопходни.

Сите учесници се согласиле и дека земјоделството како стожер кој ги поставува темелите за производство на храна и истовремено, заедно со шумарството, е потенцијал за обезбедување обновливи извори на енергија, мора да базира на добрите практики и науката.

– Од Форумот произлезе заклучокот дека, за да се постигне целта, мора да има широка општествена посветеност. Одговорноста подеднакво треба да ја понесат креаторите на политиките, меѓународните организации, невладиниот сектор, граѓанското општество, индустријата и науката, подвлекува Цветков.

Централна тема на годинашниот Глобален форум беше „Растечката потреба од храна, енергија и суровина: предизвици за одржливо земјоделство и обезбедување доволни количини на храна“. Одлуките на министрите ќе бидат земени предвид во меѓународните политички процеси како Г-7 и Г-20, на конференциите и состаноците на Обединетите нации.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници