Иако Македонија во моментов го користи рускиот природен гас со што зависи волјата на „Гаспром“, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека земјата нема да го плаќа гасот во рубљи и во случај Русија да инсистира на тоа.
– Како министерство за економија ќе ги следиме одлуките на Европската Комисија, влучително и во делот на енергенсите. Ние работиме на алтернативи во случај Русија да одлучи да го сопре снабдувањето на гас кон Северна Македонија. Ние моментално не плаќаме во рубљи. А ако инстистира Русија на тоа, а Европската Комисија донесе одлука да не плаќаме во рубљи, ние нема да плаќаме во рубљи – најави Бектеши.
Министерот рече дека Македонија прави големи напори за непрекинато снабдување со гас, но дека тоа ќе зависи од ослободувањето на капацитетите на бугарски „Булгаргас“ и од договорот што компанијата го има со руски „Газпром“.
– Ако тие капацитети не се ослободени, ние сме подготвени да се снабдуваме со гас и од Азербејџан било преку Грција било преку Турција. Ние немаме билатерален договор за снабдување со гас со било која држава. Делот над цевководот на бугарската страна е целосно закупен од „Газпром“. Ние како држава досега сме биле снабдувани само од „Газпром“ затоа што тој ги има закупено цевководите – рече Бектеши.
Министерот најави тешка зима и непредвидлива ситуација што нема да зависи само од Македонија, туку и од регионот и од начинот на кој се одвива војната во Украина.
– Ние правиме големи напори да имаме алтернативи за снабдување на природен гас. Во случај на целосна забрана тогаш мора да најдеме алтернативни горива за да работат топланите. Согласно Законот треба да има и други алтернативи освен гас. Но имајќи го во предвид техничниот капацитет на централите за топлинска енергија, тие без инвестиција може да се свртат само од гас на мазут – додаде Бектеши.