Бектеши и Ковачевски во РЕК Битола: Големото значење на рударите се покажа во текот на енергетската криза

Од:

Рударарите се наш бесценет човечки ресурс, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешното одбележување на Денот на рударите во РЕК Битола.

Според министерот Бектеши, рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој.

– Македонија има непроценливо природно богатство и затоа треба да се даде посебно внимание и да се грижиме за сите наоѓалишта на минерални суровини. Во изминатиот период се соочивме со сериозни предизвици во овој сектор, особено од аспект на заштита на животната средина и тоа резултираше со законски измени со кои значително се зајакнува контролата над работата на концесионерите, истакна Бектеши.

Во Рударско – енергетскиот комбинат РЕК Битола во пресрет на Денот на рударите, министерот Бектеши нагласи дека благодарение на рударите, на вработените во АД ЕСМ, претходната зима беше успешна и без проблеми, а и годинава се подготвени да ги исполнат барањата и потребите на потрошувачите.

-Тоа што го прават рударите е херојска работа затоа што со големи напори и со голем труд го зголемуваат производството. Го охрабрувам раководството на АД ЕСМ да продолжи со подобрување на условите за работа на рударите што и во моментов се прави за да заедно се справиме со најголемата енергетска криза во последната деценија. Во соседството ќе имало рестрикции, има рестрикции, најавуваат рестрикции, но јас сум убеден дека со чесна работа, со трудот на рударите, сите заедно ќе ја пребродиме оваа енергетска криза, истакна Бектеши.

АД ЕСМ се подготвени и за претстојната зимска сезона затоа што вработените вложуваат максимални напори системот да работи со целосна снага и да биде функционален, рече генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, на свеченоста во РЕК Битола.

–Јагленот е основата на производството на електрична енергија од АД ЕСМ и значењето на рударите за нашиот систем дојде до целосен израз во условите на енергетската криза, кога се води засилен процес што повеќе јаглен да се ископа и истиот да се донесе до термоелектраната, каде вработените вложуваат максимални напори системот да работи со целосна снага и да се држи функционален. Изминатата грејна сезона покажа дека со силен ангажман на сите, почнувајќи од вработените, раководителите, директорите, менаџментот, сите заедно, можеме да ги пребродиме сите кризи. Една грејна сезона успешно е зад нас, но следува уште една, нова, потешка, по сите предвидувања можеби најтешка во последните 70 години во Европа. Мораме да работиме уште попосветено и уште посилно, нашиот влог во оваа криза е влог за себе, но и влог за сите граѓани. Трудот и пожртвуваноста на нашите вработени се забележани од сите, но и од државните институции, и од граѓаните, порача генералниот директор Ковачевски.

Во пресрет на Денот на рударите, првиот човек на АД ЕСМ потсети на активностите на менаџментот во функција на подобрување на условите за работа.

-Набавена е нова сопствена механизација за ископи во вредност од над 20 милиони евра, нови шест еко автобуси за превоз на работниците во вредност од околу 2 милиони евра, нови возила за превоз на работниците низ рудникот од над 600 илјади евра, и многу, многу други работи. Овие набавки, оваа механизација, овие возила, од кои дел гледаме овде, покрај економска и технолошка вредност, имаат вредност и за условите за работа и за грижата за нашите работници. РЕК Битола останува основата на електро-енергетскиот систем на нашата држава, рече Ковачевски.

Тој додаде дека цел на компанија е во иднина повеќе да вложуваме и тоа и го правиме: и во постоечките, но и во нови производни капацитети.

-Вложуваме и ќе вложуваме во обновливи извори на енергија, што е согласно со државната енергетска стратегија, но вложуваме и во одржување на другите електрани, посебно во РЕК Битола, од причини што без енергија од термоелектрани е невозможно да се одржи стабилен и сигурен енергетски систем. Се додека тука не ја изградиме гасната електрана која треба да замени два блока од термоелектраната и додека не го изградиме Чебрен, ние мора да се потпираме на РЕК Битола и, секако, и на РЕК Осломеј, истакна Ковачевски.

Од АД ЕСМ информираа дека во тек е процес за изградба на фотонапонски електроцентрали во РЕК Битола со снага од 280 MW, кои ќе заменат еден блок од термоелектраната, и ќе произведуваат зелена енергија.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Божиновска: Рударите се ударни и клучни двигатели на домашната економија

Продолжува уривањето на рудникот во регионот Амур, 13 рудари се заробени

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

A1on

ЕСМ нема да се продава додека ДУИ е на власт, вели Бектеши за спојувањето на ТЕЦ Неготино и АД Електрани

A1on

Бектеши: Победата во ДУИ не се дискутира, со СДСМ не сме блиску до договор за коалиција

A1on

Бектеши: Одлуката за продолжување на рокот на замрзнатите цени дава простор Собранието да го усвои новото законско решение за нефер трговски практики