Болно бавното заздравување на развиените земји е пречка за глобалната економија, сооошти доцна синоќа Светската банка и ги намали своите прогнози за економскиот развој на светот во текот на оваа година, пренесоа британските медиуми.
Според прогнозите на Светската банка, глобалниот бруто домашен производ ќе се зголеми за 2,4 отсто во текот на 2013 година, што е речиси на нивото од минатата година, кога беше 2,3 отсто.
Во јуни минатата година Светската банка прогнозираше зголемување на глобалниот бруто домашен производ за три отсто во текот на оваа година.
Банката ја намали својата прогноза и за земјите во развој. Очекуваното зголемување на бруто домашниот производ на оваа група земји беше намалено од 5,9 на 5,3 отсто. Според Светската банка, извесното забрзување на економскиот развој на земјите во развој може да се очекува во 2014 и 2015 година.
Во 2013 година зголемувањето на бруто домашниот производ во развиените земји се очекува да биде едвај 1,3 отсто заради големите кастрења на трошоците, високото ниво на невработеност и слабата потрувачка побарувачка.
Во 2014 и 2015 година Светската банка очекува зголемувањето на бруто домашниот производ во развиените земји да биде соодветно два отсто и 2,3 отсто.
Политичката несигурност во САД (заради континуираниот спор за плафонот на федералниот долг) го забавува растот, истакнува Светската банка во својот извештај. „Ако политичарите во САД не постигнат договор, довербата во доларот ќе ослабне, а генералното засилување на пазарната напнатост ќе го намали како растот во САД, така и глобално, истакнува Светската банка во своите прогнозни.