Банките доверители ја реструктуираат Фени

Од:

Банките, најголеми доверители на „Фени индустри“ Кавадарци, денеска до надлежниот суд во Велес поднесоа предлог за реструктуирање и реорганизација на Фени со отворање на стечајна постапка. Информираат дека „Енекод“ не ги исполнила обврските, а за Фени, покрај бугарската компанија, заинтересирани ималу уште двајца сериозни инвеститори.

Според банкарите, компанијата „Енекод“ не ги исполнила преземените обврски кон вработените и се уште нема постигнато согласност со нив за регулирање на обврските на комбинатот „Фени индустри“, а веќе се претставува како сопственик. Платата за септември што им беше исплатен на вработените во Фени, велат од банките, е исплатена со позајмени средства од македонска компанија која соработува со комбинатот.

– Енекод не е новиот сопственик на Фени, а наводно потпишаниот договор за продажба никаде не е презентиран. Дури и да постои не може да се имплементира зашто не се исполнети условите за негово стапување во сила, а и во Централниот регистар нема промена на сопственичката стурктура на Фени, посочи Хари Костов, генералниот директор на Комерцијална банка АД Скопје и нагласи дека не е дадена согласност од банките доверители кои можат да дадат поддршка или не за промена на сопственичката структура.

Целта на поднесувањето на стечајната постапка, како што информираат доверителите, е во најкраток можен рок со продолжување на активностите на „Фени индустри“ да се изврши реорганизација. Тие предлагаат да се изнајде сериозен инвеститор кој ќе може да ги преземе и сервисира обврските на комбинатот кон вработените, банките и другите доверители и со дополнително инвестирање да овозможи натамошно работење на Фени.

Појаснуваат дека покренувањето стечајна постапка не значи намера да се стопира работата на комбинатот, туку, напротив, да се најде силен инвеститор кој ќе работи во Фени со докази за обезбедени финасиски средства и можности за сервисирање на обврските. Банките, како што посочуваат, немаат намера веднаш да ги побараат сите средства што ги должи Фени, туку само скромен процент, а остатокот се подготвени да го репрограмираат, но врз основа на бизнис план што евентуалниот нов сопственик ќе го презентира пред нив и доказ за обезбедени финасиски средства. Доколку се најде таков инвеститор подготвени се веднаш да се стопира стечајната постапка.

Доверителите велат дека покренувањето на стечајната постапка е реакција на она што се случуваше во Фени во последните месеци и години кога падна цената на фероникелот на берзите и оти е битно да се најде компанија инвеститор која ќе биде доволно моќна да ги издржи турбуленциите на пазарот кога цента е под 10.000 долари по тон. Фени работи рентабилно со цена од околу 10.000 долари по тон, а кога центата достигнува до 25.000 долари прави профит и од 100 милиони евра годишно. Во моментов цената на фероникелот на пазарот е околу 12.000 долари по тон и има најави за натамошно зголемување.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласува дека Владата не е странка во постапката за Фени, но вели дека е заинтересирана комбинатот да опстане.

– Како Влада ќе направиме се Фени да продолжи да работи. Услов за тоа е да се најде инвеститор кој ќе ги покрие сите достасани обврски во некој разумен период, да се зачува капацитетот, доверителите да ги наплатат побарувањата, а вработените да ги задржат своите работни места во иднина, потенцира Анѓушев.

Сегашниот сопственик на Фени индустри Кунико, има неисполнети обврска од 40 милиони евра кон трите банки, како и дополнителни 20 милиони евра кон останати доверители.

Би можело да ве интересира

Основен суд Кавадарци: Одбиени предлози за укинување одлуки за продажба на имот на поранешно „Фени”

Левица: ФЕНИ ќе почне со работа на штета на вработените , бараме национализација

Предраг Петровиќ

Турски ,,Јилдирим” го купи поранешно ,,Фени” од Кавадарци, работниците сукцесивно треба да се враќаат на работа

Предраг Петровиќ

Отворена стечајна постапка за поранешно Фени: На работниците им должи 2,18 милиони евра за плати

A1on

Комерцијална банка го презеде поранешен Фени за 37,9 милиони евра

A1on

Кавадаречките политичари ги поддржаа работниците: Нема да се дозволи да се изгасне печката во Фени

А1он