Банката на Англија, која во Велика Британија ја има улогата на централна банка, денеска категорично демантираше дека имало разговори околу идната шкотска национална валута.
„Апсолутно не е точно дека имало разговори со шкотската Влада околу валутата и монетарната унија доколку Шкотска се определи за независност“, се вели во соопштението на Банката.
Невообичаената реакција на централната банка доаѓа по тврдењето на шкотскиот министер за финансии Џон Свини за „одржаните технички разговори“ за валутата на идната „независна Шкотска“.
На 33 денови до референдумот за независност, шкотските сепаратисти се почесто зборуваат за создавање монетрна унија со остатокот на Велика Британија и за задржувањето на фунатата „по секоја цена“.
Првиот министер Алекс Салмонд, чија шкотска национална партија (СНП) ја распали и ја предводи политиката за отцепување на земјата од Обединетото кралство, речиси секојдневно ги уверува Шкотланѓаните дека како „независна држава“ Шкотска ќе ја задржи „својата фунта“ и дека ќе и биде дозволено да остане во монетарна унија со Велика Британија.
Ваквите тврдења продолжуваат иако лидерите на три главни британски политички партии со јавна декларација ја отфрлија можноста за правање на монетарна унија со „отцепена“ Шкотска.
Шкотските сепаратисти вршат силен притисок врз Салмонд да ги открие плановите за тоа што ќе направи доколку не се создаде монетарна унија.
Од Банката на Англија засега е познато дека таа има изготвено свој план за евентуалното изгласување на независноста и за отцепување на Шкотска од Велика Британија.