На 21 и 27 декември се одржани две седници на Советот на Народната банка. Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2023 година. Исто така, Советот донесе одлука за ново зголемување на стапката на противцикличниот слој за превентивно делување и понатамошно јакнење на отпорноста на банките.
Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрија, додека стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за справување со можните шокови. Окружувањето во коешто работат банките се карактеризира со постепена стабилизација на ценовниот раст и поволен девизен пазар, но и натаму има ризици и неизвесности, главно предизвикани од надворешните фактори. Поради тоа, во Извештајот се нагласува потребата за натамошно внимателно следење на ризиците како од страна на банките, така и од страна на Народната банка и доколку е потребно, преземање мерки. Во вакви услови, банките и натаму непречено ги извршуваат банкарските активности, иако се бележи извесно забавување на кредитната и депозитната активност, но растот сѐ уште е солиден. Поволни промени има кај валутата и рочноста на депозитите. Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување, при што стапката на адекватност на капиталот достигна 18,4%, што е највисоко ниво за изминативе седумнаесет години. Кредитното портфолио на банките е со добар квалитет и засега не се забележуваат знаци за позначително остварување на кредитниот ризик, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на нивото на историскиот минимум.
Врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, којашто ги вклучува податоците за третиот квартал од 2023 година, вклучително и најновите показатели, Советот на Народната банка донесе одлука за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија за 0,25 процентни поени, од претходно утврдените 1,25% на 1,5%, применлива во првиот квартал од 2025 година. Заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, при неостварување на ризиците во билансите на банките и солидна профитабилност, Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој.