Австриска помош за коморите од регионот на Западен Балкан

Од:

Австриска поддршка и пренос на добри практики, вештини и know-how во три клучни области – дигитализација, образование и бизнис интегритет во следните пет години ќе биде обезбедена за шесте комори од земјите на Западен Балкан.

Ова, како што информира Стопанската комора на Македонија, го предвидува меморандумот за соработка помеѓу Коморскиот инвестициски форум, Австриската федерална стопанска комора и Австриското федерално министерство за Европа, интеграции и надворешни работи, кое ја координира работата на Австриската агенција за развој што денеска беше потпишан во Австриската федерална стопанска комора во Виена.

-Активностите во рамките на соработката која ќе биде воспоставена ќе се фокусираат на три клучни сектори: забрзување на процесот на дигитална трансформација на компаниите од целиот регион на Западен Балкан проследена со едукација и тренинг во областа на дигитализацијата, развивање на заеднички програми на средно стручно образование, првенствено со фокус на областа на дигитализацијата, но и зајакнување на бизнис интегритетот на компаниите од Западен Балкан, преку промовирање на чесни деловни практики и спречување на корупцијата, соопшти Стопанската комора.

Во рамките на настанот, претседателот на Стопанската комора на Македонија и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески оствари работни средби со Карин Кнејсл, министер за Европа, интеграции и надворешни работи во Австриската федерална влада и Хералд Марер, претседател на Австриската федерална стопанска комора, како и со претставници на менаџментот на водечки австриски компании.

Кнејсл потенцираше дека регионот е нераскинлив дел од економската и социјалната историја на Европската унија и дека процесот на приклучување на земјите од Југоисточна Европа кон ЕУ останува врвен приоритет.

– Зајакнувањето на регионалната соработка и поддршката за овие земји на нивниот пат кон ЕУ треба да придонесе на луѓето од регионот да им се дадат нови перспективи, при што заемното признавање на квалификациите ќе игра клучна улога во овој процес. Австрија ќе го даде својот придонес особено преку заложбите во областа на дуалното образование, посочи Кнејсл.

Азески нагласи дека Австрија е еден од дваесетте најголеми трговски партнери на Македонија и еден од најголемите странски инвеститори во земјата.

-Австриската федерална стопанска комора долги години наназад е предводник на трендовите и позитивен пример за сите комори од државите на Западен Балкан, воведувајќи најдобри практики за унапредување на националните економии и предводејќи ги трендовите во областите на дигитализацијата и образованието, како два основни столба за услугите кои ние ги обезбедуваме за нашите компании-членки. Потпишувањето на меморандумот е пионерски чекор за ревитализирање и унапредување на оваа соработка, која во една или друга форма ја имавме во регионот долги години наназад. Верувам дека австриските искуства и know-how во областа на дигитализацијата и дуалното образование ќе придонесат за унапредување на нашето работење, но ќе претставуваат и солидна основа за идниот развој не само на македонската економија, туку на економиите на сите држави од регионот на Западен Балкан, како целина, посочи Азески.

Би можело да ве интересира

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Русија ја прекина испораката на гас за Австрија поради спор околу плаќањето

Горан Наумовски

Пронајдено телото на двојниот убиец од Австрија по кого полицијата трагаше со денови

А1он

Пронајден е автомобилот на убиецот Роланд Дрекслер, полицијата интензивно трага по него

Австриската полиција трага по убиецот на градоначалникот на општина Кирхберг

Убиство во Австрија: Ловџија усмрти градоначалник