Чевларскиот и шивачкиот се само некои од занаетите кои стануваат посебно атрактивни кај младите. Расте интересот и за филигранот, плетењето, везењето,… Ретко кој од креативците има сопствен дуќан. Продажбата најчесто оди преку интернет, согласно светските трендови, а производите стигнуваат дури до Америка, беше истакнато на отворањето на првиот Арт базар – Дизајн со љубов што денеска и утре се одржува на Скопски саем, по повод празниците Св. Трифун и Св. Валентин.
– Фрапирани сме колку малди, академски образовани граѓани се посветуваат на ракотворењето, филигарнот, монистрата, везењето, плетењето. Едноставно се пронаоѓаат себе си таму. Не значи дека ако завршат факултет и немаат работа, треба да чекаат. Занаетот можеби нема да ги збогати, но сигурно може да извади пристојна плата, рече Никола Петров, претседател на Занаетчиската комора – Скопје.
Според него, економската криза е можеби една од причините за повторното развивање на старите занаети кои до скоро беа во заборав.
– Има дефицитарни занаети кои ги прегазило времето и не можат веќе да егзистеираат зашто едноставно не се потребни, како самарџија (во Скопје), но има и дефицитарни кои се неопходни како оние за машинската индустрија – глодачи, машинобравари,… Недостигаат и лица за поправка на рачни, механички часовници, нагласи Петров, изразувајќи благодарност до Владата која овозможи обезбедување поддршка од неповратни 3.000 евра за отворање сопствени бизниси.
Тоа е од голема помош, потенцира Петров. Само така може да се развива занаетчиството.
Арт базар – Дизајн со љубов, организиран од Скопски саем, Занаетчиска комора на Скопје и Македонската артизанска трговска асоцијација (МАТА), има промотивен и продажен карактер. Отворен е за сите, денеска и утре од 11 до 19 часот. Влезот е слободен. Учествуваат автори на рачни изработки, креативци кои дизајнираат широк спектар рачно изработени предмети од најразлични материјали, сребро (филигран), срма, дрво, стакло, восок, текстил, глина, бакар,…
Како што информира Мелита Секуловска од Скопски саем, настанот ќе стане традиција и ќе биде збогатен со различни културни случувања.