Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, со свое официјално обраќање ја отвори три дневната Конференција на ментори во Скопје и заедно со Амбасадорот на Холандија во Република Македонија, Вилем Воутер Пламп и организаторот Славица Николовска, Македонската мрежа на ментори им посакаа добредојде на над 60 професионалци ментори во Скопје од Македонија, Холандија, Албанија и Косово.
Целта на конференцијата со која стартува проектот “Зајакнување на жените преку менторство“ е да се поттикне важноста на менторскиот процес, како и вмрежувањето во Република Македонија и во регионот во насока на промовирање на еднаквите права на мажите и жените како и поддршка на иницијативите на жените претприемачи.
Во своето обраќање Арсовска истакна дека менторите се многу важен дел од персоналниот и професионалниот развој, инспирација за идната генерација на ентузијасти во градење на силно, просперитетно и толерантно општество, со посебна важност на улогата на жените во општествениот прогрес.
„ И покрај зголемената свест за важноста и улогата на жените која може да биде клучна во менувањето на економската моќ на земјата, сепак во приватниот сектор, дефинитивно жените не се доволно застапени на раководни позиции и постои нерамноправна борба бидејки да бидеш еднаков значи да постојат еднакви можности за развој. Сметаме дека тука е основната улогата на менторите, да поттикнат, да поддржат и да подадат рака на перспективните жени со цел постигнување на успех и лидерство во својот домен на делување“, рече Арсовска во своето обраќање и додаде дека во брзорастечките економии, жените имаат поголем удел во економијата, информации за најновите светски трендови, повеќе можности за иновации и поинаков поглед на светот.
Сојузот на стопански комори на Македонија е национален партнер на Македонската мрежа на ментори, а конференцијата е поддржана од Холандската Амбасада во Република Македонија.