Сојузот на стопански комори (ССК) учествува на 6. Регионален самит на претприемачи кој на високо ниво се одржува во Дубровник, Хрватска. Претседателот на ССК, Данела Арсовска, учествува на панел сесијата посветена на улогата на деловните организации во развој на претприемништвото на национално ниво и предизвиците со кои претприемачите се соочуваат.
Арсовска на самитот посочи дека претприемачите се носители на голем потенцијал за зголемување на економскиот раст, како и за поттикнување на иновативноста во приватниот сектор.
„Заложбите на Сојузот континуирано се насочени кон поттик и поддршка на претприемништвото. Покрај тешкиот и ограничен пристап до финансии за претприемачите, „трите К“ се посочени како најголем предизвик. Контролата односно инспекцискиот надзор се потешкотија за секој кој отпочнува сопствен бизнис и нема ресурси да ја следи и да се усогласува со регулативата. Затоа контролите се особено стресни и се можност за уназадување на претприемачите поради изречени глоби за неусогласеност. За претприемачите, ново отворените мали компании дерегулација во првите години од отпочнување со дејност е најдобрата поддршка која можат да ја добијат. Корупцијата е вториот предизвик, додека казните т.е глобите се третиот од проблемите кој претприемачите ги истакнуваат дека неповратно ги оштетуваат нивните обиди за успешно водење на компаниите кои ги основале.
Минатогодишниот проект за поддршка на претприемништвото на Сојузот, ни овозможи нова база на информации за потребите на националните претприемачи и од кој произлегоа бројни мерки со чија имплементација ќе се стимулира нивниот развој, а ние активно стоиме во нивна заштита “ истакна Арсовска и додаде дека во земјите од регионот има многу сличности во предизвиците но и во потребите, токму затоа, соработката на деловните организации со локалните власти за развој на претприемништвото базирано на иновации е можност за економски развој на целиот регион.
Во рамки на 6. Регионален самит на претприемачи во Република Хрватска на претседателот на ССК, Арсовска и беше доделена посебна висока награда и признание за особен придонес на развојот на претприемништвото во Средна и Југоисточна Европа во 2018 година.
Признанието за ССК и Арсовска е резултат на минатогодишниот проект за поддршка на претприемништвото на национално и меѓународно ниво, како и за квалитет на лидерство за водење на институција.
Наградата секоја година во рамки на Регионалниот самит на претприемачи ја доделува Меѓународниот комитет за доделување награди и признанија од Република Хрватска и Меѓународниот економски форум за претприемачи.