Политиката е секогаш пред економијата. Тоа во голема мера ја комплицира и онака сложената состојба во земјава, каде во институциите, се чини, се занемарува принципот на професионалност и меритократија. Членството во НАТО, неизвесноста од добивање датум за почнување преговори со ЕУ, избори секоја година, редовни, предвремени, партиски препукувања, корупција, длабока поларизација во општеството, е она што го оставаме зад нас, оценува претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Даниела Арсовска.
Арсовска во годишната порака истакнува дека доколку продолжи принципот дневно-политичките несогласувања да го креираат начинот на живот и да влијаат негативно на секојдневието, наместо да се посветат на позитивни мерки за раст, за очекување е приватниот сектор да се соочи со тешка 2020.
-Без основни постулати за подобрување на деловното опкружување ќе нема ниту подобри услови за работа, ни за живот во Македонија. Првиот постулат, поврзан и со претстојните избори и со она што не очекува во 2020-та, е сите чинители да се посветат на минимизирање на поларизацијата во општеството. На стопанството и на граѓаните им се потребни позитивни кампањи, со минимални дневно-политички несогласувања, чинителите да изнајдат компромис за клучните прашања за националниот просперитет и да се посветат кон забрзан економски развој. Вториот е реализација на ветеното. Предизборно сите ветуваат мерки и подобри услови, но малку од тоа се реализира со внесување конкретни чекори во програмите. што значи и работа базирана на флоскули, наместо на конкретни чекори со конкретни резултати. Да се обезбедат видливи резултати базирани на конкретни економски мерки кои ги предлагаме, ќе даде сигнал дека ќе се остават на минатото живот и работа од криза до криза и трошењето наместо креирање долгорочна стратегија за раст, вели претседатлот на ССК.
Третиот постулат, додава, се однесува на честото менување на законите.
-Без консултација со засегнатите страни се донесува неприменлива легислатива. Нема оправданост во донесување на законите без консултација со стопанството, поточно без оние кои треба да ги применуваат конкретните закони. Тоа води кон импровизирање и законски решенија кои се неприменливи во пракса, кои резултираат со потреби од нови измени. Ни компаниите, ни институциите немаат доволно капацитет да ги следат и применат доследно големиот број закони кои се менуваат. Дополнително постојат непрецизирани Закони, кои отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежности меѓу институциите. Според препораките на Советот на Европа, со наше учество како засегнати страни во самото драфтирање на законите може да се изготви квалитетна, применлива и функционална регулатива, наведува Арсовска.
Четвртиот постулат, за што ССК гласно говореше и делуваше минатата година, е справување со конкуренцијата од сивата економија. Приоритет и во 2020 треба да биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси од сивата економија, која во моментов е над 37 проценти од вкупната економија. Препораките се институциите да пристапат кон доследна имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност.
-Петтиот услов е да се овозможи гаранција за рамноправност на пазарот во услови на слободна и фер конкуренција, со воспоставување јасна волја за владеење на правото, што ќе ги охрабри компаниите за преземање нови чекори за инвестирање. Инвестирање во време на несигурност и непредвидливост е ризик кој оние што чесно, посветено и планирано работат, не можат да си го дозволат, нагласува Арсовска.
Нејзина оценка е и дека одложувањето на преговорите со ЕУ не треба да е причина за скршнување од патот кон спроведување на неопходните структурни реформи кои треба да бидат национален приоритет за секоја Влада и да се утврдени како наша долгорочна стратегија, за да се демонстрира движење во насока на зголемен раст и развој на македонската економија сега и веднаш без одложување.