Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) и компанијата „Скопски легури“ најавуваат заедничка трибина на тема „Квалитетот на почвата – клучен фактор за поефикасно земјоделско производство и менување на навиките кај земјоделецот за примена на подобрувачи на почва со цел зголемување на приносите“.
Трибината ќе се одржи утре, а се организира по претходно спроведените полски демонстративни опити во повеќе региони кои требаше да ги потврдат позитивните својства на подобрувачот на почва „Тераграмин“ што го произведува „Скопски легури“.
– Задоволни од ангажманите терен, одлучивме да организираме и заедничка трибина чија цел е да се информираат земјоделците за најдобрите земјоделски практики за подобрување на квалитетот на почвата со примена на подобрувачи, а со тоа истовремено да се намалат трошоците за обработка, ѓубрење, наводнување и третирање со заштитни средства со што ќе се добие поеколошки производ и зголемени приноси, изјави за МИА Зоран Бардакоски, раководител на одделение во АПРЗ во регионот Битола.
На трибината ќе присуствуваат и советодавците од АПРЗ од работните единици Битола, Прилеп, Ресен и Демир Хисар, како и земјоделски производители од областа на тутунопроизводството, градинарското и овоштарското производство.