Анѓушев: Странските инвеститори добредојдени во РМ

Од:

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев учествуваше на бизнис форумот во рамки на 4. Самит за Западен Балкан во Трст, соопштија од неговиот Кабинет.

На бизнис форумот се обратиле и Анџелино Алфано, министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Јоханес Хан, комесарот за добрососедска политика и проширување на Европската Унија, како и министрите задолжени за економија, индустрија и енергетика од земјите на Западен Балкан.

Претставникот на земјата домаќин на самитот, министерот Алфано во своето обраќање на отворањето на бизнис форумот истакнал дека протекционизмот не е вистински одговор за развој на економијата. Тој дополнил дека отвореноста и транспарентноста на државните органи кон бизнис секторот се клучни за повисока динамика на економијата, а дека вистински предизвик е креирањето на нови работни места за младите луѓе, во кои е иднината на секоја земја.

Еврокомесарот Хан потенцирал дека овој Самит испраќа порака за поддршка и стимул за реформи во земјите од Западен Балкан.

– Преку овој Самит, се утврдува до каде се процесите и прогресот во земјите од Западен Балкан вклучени во „Берлинскиот процес“, одблизу се следат процесите на меѓусебно поврзување, спроведување на реформи во енергетиката и во другите области. Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не може да биде успешна без економска поддршка. Европската Унија ќе ги поттикне реформите, за регионот да продолжи да се развива и земјите да го постигнат посакуваното ниво на економски развој. Економскиот развој е еден од клучните елементи за интегративниот процес на регионот на Западен Балкан во Европската Унија, посочил Хан пред присутните.

Вицепремиерот Анѓушев потенцирал дека Владата ќе работи на развивање добра соработка со соседите, а паралално силно ќе се посвети на спроведување на потребните реформи што го трасираат патот на земјата кон членството во Европската Унија.

– Не е возможно да зборуваме за економски раст на земјата, ако не работиме на поддршка и стимулирање на извозот на компаниите кои работат во Република Македонија. Пазарот од два милиони луѓе е мал и пред сè треба да ги поддржиме нашите компании да растат и да бидат конкурентни во регионот, а потоа и во ЕУ. Владата силно ќе ги поддржи извозно ориентираните компании, да растат, да се развиваат и да создаваат производи со повисока додадена вредност. Ќе работиме на создавање на бизнис амбиент за здрави и успешни компании, а не да се создават политички компании од страна на власта. Изградбата на инфраструктурата ќе ни биде приоритет, ќе работиме на изградба на патната инфраструктура и гасификација на земјата, а токму преку изградба на инфраструктура ќе докажеме дека сме силно посветени на регионално поврзување“, истакнал Анѓушев.

Тој се осврнал и на политиката за привлекување на странски инвестиции во земјата.

– Од Трст испраќам порака и покана до сите странски инвеститори дека се добродојдени во Република Македонија. Ние мора да направиме сè за да обезбедиме рамка за привлекување инвестиции. Инвеститорите ќе имаат потполна поддршка од институциите во административните процедури. Како Влада ќе го поддржиме секој инвеститор и гарантираме безбедност на нивниот капитал, нагласил Анѓушев.

Според вицепремиерот Анѓушев, реформите во енергетскиот сектор се исто така еден од приоритетите, но и предизвик на македонската Влада.

– Ќе го донесеме и усвоиме новиот Закон за енергетика во кој ќе бидат инкорпорирани Третиот енергетски пакет на Европската унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Владата ќе работи на поддршка за изградба на енергетски капацитети од обновливи извори на енергија, а поддршката ќе ја моделираме на комерцијална основа“, нагласил Анѓушев.

Самитот за Западен Балкан во Трст е четврти по ред, а е дел од активносите кои се одвиваат во рамки на „Берлинскиот процес“, иницијатива на Европската Унија, со цел убрзување на процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов