Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на владина седница при правењето на ребалансот на буџетот доставил предлог за кратење на средства во МВР, а предлогот за награда од 15.000 денари во МВР за секој вработен не кореспондира со неговото барање. Ова го соопшти министерката за финансии, Нина Ангеловска, според која, сите кратења во буџетот се правеле според барањата на министрите. Таа посочи дека треба да земат во предвид реалните можности, а Владата ќе се залага сите кои заслужиле да добијат награда откако ќе се има контрола врз коронавирусот.
„Сметам дека сите ние како членови на Владата носиме уште поголема одговорност во оваа криза и треба да бидеме уште поразумни, реални, рационални во целиот тој процес. Вие знаете дека ребалансот беше скроен пред два дена. Јас морам да кажам дека министерот за внатрешни работи беше навистина кооперативен при правење на ребалансот и тој достави предлог за кратење од 88 милиони денари во МВР.
Тој предлог беше ефектуиран и морам да кажам дека овој пат, при овој ребаланс поставивме стандарди и концепт да ништо на своја рака Министерството за финансии не кратеше. Сите кратења, сите прераспределби и промени се на барање на буџетските корисници. Предлогот не кореспондира со барањето кое било доставено при кроењето на ребалансот. Два дена по скроен ребаланс, мора да бидеме сите реални. Јас верувам дека сите членови на Владата ги знаеме реалните можности и дека сите до еден и оваа Влада ќе се залага за да ги награди сите кои заслужиле кога ќе имаме целосна контрола врз вирусот и сите ќе ја добијат наградата и заслуженото“, рече Ангеловска за барањето на Чулев.
Покачувањето на платите на здравствените работници е предвидено со ребалансот на буџетот, посочи министерката.
„Јас сметам дека оваа криза го извади најдоброто од голем број професионалци кои што работат во јавниот сектор. Таков пример прв е здравството и здравствените работници кои што се во првите редови во директен контакт со заразените за кои што рековме дека ќе им се оддолжиме и ќе ги наградиме, за кои што беа во ребалансот, со доставена калкулација по предлог и истите беа вградени кога тој беше усвоен пред неколку денови“, рече Ангеловска.