Ангеловска-Бежоска: Домашната инфлација и натаму се намалува, но треба да се продолжи со претпазливи политики

Од:

„Инфлацијата во домашната економија и натаму забавува кај сите нејзини компоненти, и тоа посилно во однос на забавувањето на просечната инфлација во ЕУ, со што и јазот помеѓу стапката на инфлација кај нас и во еврозоната се стесни од 9 п.п. минатата година на околу 2 п.п. Сепак, новото глобално окружување и натаму е придружено од многу предизвици за нашата мала и отворена економија, што наметнува потреба од внимателност на макроекономските политики и спремност за натамошно соодветно приспособување заради ценовната стабилност, којашто е и предуслов за одржлив раст“, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на годинашниот „Ерсте инвеститорски појадок“ на банкарите и инвеститорите.

Минатата година светската инфлација се искачи на највисокото ниво во изминатите 25 години, што беше особено изразено кај економиите во развој, кога во најголемиот број од нив инфлацијата достигна двоцифрени стапки. Сето ова придонесе за најкоординираното затегнување на монетарната политика во историјата од страна на 95% од централните банки, вклучително и од Народната банка. Преку соодветна комбинација од мерки, вклучувајќи интервенции на девизниот пазар, постепено зголемување на основната камата и интервенција кај задолжителната резерва, како и поддршка на монетарните сигнали преку макропрудентните мерки, инфлацијата е намалена за две третини од највисокото ниво во октомври 2022 година од 19,8%, на 6,6% во октомври 2023 година на годишно ниво. Учеството на стоките и услугите, со раст од над 10% во инфлацискиот индекс, е намалено на 29%, од околу 70% минатата година. Исто така, и кај инфлациските очекувања се забележува стабилизирање.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека стабилноста на банкарскиот сектор е од суштинско значење за централните банки, за да можат непречено да ги спроведат потребните политики за закотвување на инфлациските очекувања. За непречено дејствување на централните банки за исполнување на нивниот основен мандат ‒ зачувувањето на ценовната стабилност, се потребни отпорност на банкарскиот и корпоративниот сектор, ефективни макропрудентни мерки, како и квалитетна супервизија. Македонскиот банкарски сектор покажува висок степен на отпорност, со стапка на адекватност на капиталот на највисоко ниво од 2007 година наваму, од 18% и добар квалитет на портфолиото со историски најниско учество на нефункционалните кредити од 2,8%. Сепак, со оглед на ризиците, и натаму има потреба од внимателност и евентуално преземање дополнителни макропрудентни мерки со кои би се намалила веројатноста за стрес во финансискиот систем и следствено, би се зголемил просторот за делување на монетарната политика.

Во својата презентација, Ангеловска-Бежоска ги истакна и можните ризици од геоекономската фрагментација, како што е забавувањето на растот, особено за земјите од Западен Балкан коишто трговски и финансиски се многу отворени, а со тоа се и значително подложни на надворешни шокови.

Би можело да ве интересира

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка