Со почетокот на годината редовно се исплаќаат буџетските средства за субвенционирање на минималната плата, велат за „Порталб“ дел од работодавачите, но сепак степенот на искористеност на државната поддршка е низок и според бинзисмените, мора да се најде начин како да се искористат парите, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Додека се најавува ново зголемување на минималецот на 13 000 денари, податоците од „Финанце тинк“ покажуваат дека 17,8% од работниците дел од платат ја добиваат “на рака – во плико“ а оваа состојба доминира токму кај оние кои се пријавени на минимална плата.
Можна промена на критериумите…
По најавите за јулско зголемување на минималната плата на 13 000 денари, според работодавачите, не е исклучено да се дефинираат нови услови и критериуми кои треба да го зголемат и степенот на искористеност на буџетските пари кои се резервирани за поддршка на бизнисмените кои ќе го зголемат минималецот.
„Во моментов на сила е решението за субвенционирање на минимална плата повисока од 12 500 денари која треба да ја повлече „спиралата“ на натамошен раст. Ние очекуваме да продолжиме со преговорите со претставници на надлежните институции со кои ќе се дефинираат и можеби ќе се договорат нови критериуми за субвенционирање на платите. Сега на пример еден од критериумите за добивање на субвенции е да се задржи работникот на одреден временски интервал, а ако се прекршат утврдените услови, предвидено е работодавачот да ги врати парите на државата. Не велам дека државата треба да обезбеди “даночно ослободување“ но сметам дека треба да најдеме решение за подобро и ефикасно искористување на буџетските средства за поддршка на зголемувањето на минималната плата и тоа решение да биде дел од индустриската политика на земјата“, вели Ангел Димитров од Организација на работодавачи која е вклучена во преговорите со Владата околу минималната плата.
Минималната плата и новото зголемување беа во фокусот на повеќемесечните преговори меѓу Владата со претставници на приватниот сектор и на синдикатите. Во пакет со новото зголемување на минималецот најавен е и нов Закон за работни односи.
„Сериозно размислуваме и за ново зголемување на минималната плата оваа година. Во тек се консултации со сите засегнати страни да го изнајдеме најсоодветниот модел. Веруваме дека мај и јуни ќе ги искористиме за од 1-ви јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини каде што сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори. Податоците велат дека како резултат на зголемување на минималната плата, просечната плата се зголемила за 6,6% во фебруари 2019 споредено со август 2017, пред покачувањето на минималната плата. Ако тоа го направиме во споредба со март месец за којшто ги очекуваме податоците веќе сме над 8% зголемување на просечната плата“, најави премиерот Зоран Заев.
Анализите од приватниот сектор покажуваат дека минималната плата ја покрена “спиралата“ на зголемување на платите но на оние пониските плати, во трудоинтензивните дејности, додека овој тренд не е присутен кај повисоките плати.
„Според мене субвенционирањето можеби треба да се прошири и на повисоките плати, на пример ако работодавачот исплаќа плата од 15 000 денари за која се плаќаат придонеси од околу 7 500 денари, и таа плата ја зголеми на 17 000 денари, тогаш придонесите за разликата во платата да ги субвениционира државата. Со зголемувањето на минималната плата се предизвика пораст главно на пониските плати во трудоинтензивните дејности, на пример годинава во споредба со лани платата во текстилната индустрија е зголемена за 11,6%, од друга страна пак се забележува тренд на стагнација на повисоките плати“, вели Димитров.
Има буџетски пари, нема искористеност…
Годинава со Буџетот се резервирани нешто повеќе од 5 милиони евра – средства за поддршка на работодавачите во процесот на зголемување на минималната плата, но останува отворено прашањето како да се искористат овие пари.
„Во моментов на сила е субвенционирање од 30% за работодавачите кои ја зголемуваат минималната плата. Лани од буџетот беа одвоени околу 6 милиони евра а од нив беа искористени само 170 000 евра. Сега , според информациите, имаме подобрување на искористеноста од околу 15% во првите месеци од годинава, во која се планирани средства за поддршка од нешто повеќе од 5 милиони евра. Законското решение е јасно, буџетски пари можат да добијат оние фирми чии трошоци за плата учествуваат со 50% во вкупните трошоци за плата, а тоа се пред се трудоинтензивните дејности“ – вели Димитров.
Владата прави напори за што поголема искористеност на парите, оценуваат работодавачите, но дали вината за слабата искористеност треба да се бара и во приватниот сектор ?
„Добор е што постои решение за субвенционирање на зголемената минимална плата, но дел од работодавачите можеби сметаат дека се работи за “мали “ суми на пари кои би ги добиле од државата но тука е уште еден фактор, а тоа е слабата информираност. Според нашите информации годинава редовно се исплаќаат буџетските пари за зголемениот минималец, но сепак мора да се најде начин за поефикасно искористување на средствата. Останува и реалноста дека дел од платата се исплаќа “на рака“ и во такви случаи работодавачот тешко се одлучува да плаќа придонеси па да чека разликата на трошокот да биде покриена од државата, и затоа можеби треба да се размисли и за модел на одредено “ослободување од придонеси“ а тој трошок да го алиментира државата“ – коменираат дел од бизнисмените за „Порталб“.
Неодамнешното истражување на „Финанце тинк“ покажа дека 17,8% од работниците во државата кои имаат формален договор за работа добиле плата “во плико“ а оваа состојба е најприсутна кај вработените кои земаат минимална плата. Имено, 62 % од оние кои се осигурани на минимална плата добиле речиси иста сума „на рака – во ллико“.
Македонија беше една од последните земји во Европа што го воведе минималецот – утврден како најнизок месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок. Право на минимална плата, според одредбите од на Законот за минимална плата, имаат сите работници.
Анализа на Порталб