Само кон домашните кредитори, банки, осигурителни компании, пензиски фондови, по основ на земен заем државата должи повеќе од 2 500 000 000 евра, пишува Порталб.мк. Внатрешниот долг кон домашните кредитори значајно е зголемен но во исто време драматично е променета структурата – над 76% од долгот е долгорочен.
1,1 милијарда евра или скоро половина од внатрешниот долг е со рок на отплата од 15 години!
Сите документи се подготвени, се чека само потписот на новиот министер за правда за да започне повторената постапка за издавање на нова Еврообврзница. Претходната во износ од 600 милиони евра пропадна. Дали повторно Владата ќе го бара овој износ ќе зависи од каматата што ќе треба да ја плати. Во меѓувреме потрагата по пари продолжи на домашен терен – во текот на овој месец преку две домашни обврзници државата позајми 144 милиони евра, од нив 130 милиони евра ќе треба да се вратат за две години а 14 милиони евра се со рок за враќање од 15 години.
На крајот од првиот месец од годинава (23 јануари) вкупниот долг на Владата кон домашните кредитори по основ на хартии од вредност изнесува повеќе од 2,5 милијарди евра.
Анализата на висината и на структурата на долгот по различни основи покажува неколку факти – изминатите пет години долгот е значајно зголемен а драматично е променета и рочноста, дури 76,92% е долгорочен а 23,08% е краткорочен долг. Ако пред повеќе од пет години доминираа задолжувањата со рок на исплата до една година, сега најголемиот дел од долгот е по основ на обврзници со рок на исплата од 15 години, што значи дека за парите што сега се трошат ќе плаќаме камата во следната една и пол деценија по што ќе треба да го вратиме целиот износ на заемот.
Конкретно по основ на обврзници со рок на отплата од 15 години државата должи повеќе од 1,1 милијарда евра што претставува скоро 45% од вкупниот внатрешен долг. На второ место се 12 месечните државни записи во износ од над 577 милиони евра со удел од 23% во вкупниот долг кон домашните кредитори а на трето место се обврзниците со рок на отплата од 3 години во износ од скоро 200 милиони евра, приближно толку се должи и преку обврзници со рок на отплата од 10 години.
На кого и колку должи Владата ….
Изминатите години пензиските фондови заземаа се поголема улога на “позајмувачи“ на пари на Владата. На крајот од јануари пензиските фондови преку откуп на државните хартии од вредност на државата и дале заем од скоро 1,2 милијарда евра што претставува 47% од вкупната сума што ја должи Владата на домашните кредитори.
На второ место се банките од кои државата позајмила 820 милиони евра, удел од 32,8% во вкупниот долг а на трето место се останати пазарни субјекти кои откупиле државни хартии од вредност во износ од над 300 милиони евра. Милионски износи државата должи и на осигурителни компании.
Во јануари годинава во споредба со истиот месец лани долгот по основ на државни хартии од вредност е зголемен за 102 000 000 евра. Според планот на Владата годинава во споредба со 2022 та внатрешниот долг треба да се намали, но дали тоа ќе биде така ќе зависи и од задолжувањето на странските пазари.
Анализа на Порталб