Репортажа – Грција: Цени и услуги, дождот го „потопи“ почетокот на летната сезона!

Од:

Со попусти на дел од основните прехранбени производи, но со „солени“ цени во рестораните соседна Грција, една од најпосетуваните дестинации за македонските граѓани, годинава ќе ги чека туристите, пишува Порталб.мк. Но за разлика од минатите години, оваа сезона , според оценките на дел од грчките угостители не стартуваше со полн ек.

На праг на летото – голем дел од сместувачките капацитети полупразни…

Спуштени ролетни, затворени вили, се уште не отворени кафетерии – ваква е сликата во дел од најпосетуваните туристички локации во Грција на крајот од мај, месец во кој минатите години веќе „вриело“ од туристи. Нестабилното време, студен бран, дождови, ветер, го направија своето, празни апартмани, полупразни хотелски капацитети.

„За нас во мај летото требаше веќе да биде почнато, но… Ние мора да биде подготвени, за жал туристите речиси ги нема“, вели менаџерка на хотелски комплекс.

Објаснува дека сегашните гости се дојдени од Англија, Германија, Чешка и дека тоа се туристи кои поодамна го платиле аранжманот и морале да допатуваат. Нестабилното време веќе влијаеше и врз дел од цените – ноќевање со појадок во еден од хотелските комплекси на првиот крак на Халкидики чини 27 евра по лице.

И на плажите сликата невообичаена за овој период од годината. По врнежлива петочна ноќ, следниот ден крај морското крајбрежје сеуште се чувствува студениот воздух, туристи облечени во „есенска“ гардероба.

„Денеска го отворивме ресторанот. Лани во овој период имаше многу гости, почнавме да работиме на крајот на април, а сега, на крајот на мај и нема гости како лани. Се надевам дека ќе успееме да надоместиме во јули, август“, вели вработен во грчки ресторан во едно од туристичките места лоцирани на Халкидики.

Цените за сместување во најпопуларните, и за нас географски блиски, туристички места во Грција варираат од зависност од близината до морето, комфорот, локацијата.

Цени на храна во маркети и во ресторани…

За едно грчко фрапе и едно гиро ќе платите 9 евра, кафето чини 5 евра ако го пиете покрај море, а за гирото ќе платите 4 евра – ова се цените кои ги диктираат угостителите во најголем дел од туристичките места на Халкидики. И Грција се соочи со растечка инфлација, во обид да ги задржат муштериите, во дел од маркетите се нудат акциски намалени цени, особено за основните прехранбени производи.

Цената на брашното, во зависност од количина и намена се движи од околу 1 евро до над 2 евра, па така половина килограм наменско брашно чини 0,80 центи а килограм се продава по цена од 1,45 евра до 2,30 евра.

Тестенините, во зависност од видот се продаваат до или нешто над две евра, па така пакување на диетални тестенини со редовна цена се продава по 2 евра а останатите основни видови на тестенини (макарони и шпагети) чинат 1,40 евра. Во продавниците се забележуваат акциски намалени цени, особено кај дел од основните прехранбени производи. Цената на сол за секојдневна употреба, во зависност од грамажата, се движи од 0,65 центи до 2,25 евра за килограм.

Доматен сос во пакување од 250 грама се продава по цена од 0,95 евра до 1,75 евра, половина килограм грав чини 2,35 евра а пакување од половина килограм леќа е со цена од 1,80 евра.

Рестораните, таверните, кафетериите „држат“ речиси исто ниво на цени за храна и пијалаци, но сепак има ценовна разлика во зависност од туристичката локација. Во рестораните и таверните цена на порција салата се движи од 8 евра па нагоре, така грчката салата чини 8 евра додека Цезар салата 9 евра. Клуб сендвичите се продаваат по 8 до 9 евра, хамбургер од 7 до 10 евра.

Безалкохолните пијалаци, газирани сокови, чинат од 4 евра до 5 евра, пивото се продава по 5 евра додека, чаша вино чини 6 евра а најскапи се коктелите чија цена достигнува 10 евра. Цената на сите видови кафиња и на чаша ладен чај е 5 евра а на порција овошна салата 7 евра.

Порција морска храна чини од 8,50 евра (сардини) до 80 евра за 300 грама ракчиња, додека порција со парче месо со зеленчук чини од 9 до 12 евра.

Туризмот е носечка економска гранка за Грција и секој загубен ден без „девизен прилив“ од туристите значи загуба најпрво за бизнисот а потоа и за целата економија. Угостителите се надеваат на продолжена летна сезона, која поради нестабилното време очекуваат да продолжи и во септември.

Репортажа на Порталб

Би можело да ве интересира

Државата да ја регулира заштитата на националната критична инфраструктура и да ја унапреди заштитата на јавните места пред да доживееме трагичен напад

Орце Костов

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

Орце Костов

Шесте најзадолжени општини имаат долг од 36 милиони евра, високо котира и Град Скопје

Ана Ололовска

Анализа: Јавните претпријатија меѓу најголемите „работодавачи“

Ана Ололовска

(Анализа) Администрација пребројана: вработени 129 374 лица

Ана Ололовска

(Анализа) Администрација: за едно работно место 9 пријавени

Ана Ололовска