Во земјава има 155 јавни претпријатија и најголем дел од нив 113 се ЈП за комунални дејности. Токму овие ЈП за комунални дејности опфаќаат и најголем број на вработени – скоро 9 9000, пишува Порталб.мк. Дел од ЈП кои се со голем број на вработени во исто време пријавуваат високи износи на долгови и загуби.
ЈП: возраст и етничка структура на вработени …
Во јавните претпријатија во земјава се вработени 17 240 лица а најмногу вработени апсорбираат ЈП за комунални дејности. Споредбената анализа на податоците од Регистерот за јавен сектор покажува дека во 2022 година во однос на 2021 та бројот на вработени во сите ЈП е намален за 906.
Дел од ЈП спаѓаат во институции со голем број на вработени. Повеќе од 500 луѓе работат во дел од државните ЈП и оние формирани од Град Скопје како што се МРТ, Национални шуми, ЈП Железничка инфраструктура, ЈСП, Комунална хигиена, Водовод и канализација. Не само што се истакунуваат според бројот на вработени, јавните претпријатија во однос на министерствата, обвинителствата, општините, регулаторните тела, агенциите, јавните установи, се први и според најголема просечна возраст на вработените.
„Доколку се анализира просечната возраст по вид на институција, може да се забележи дека најголема просечна возраст од 49,05 години има кај јавните претпријатија“, се наведува во новиот извештај на МИОА.
Дури 31,5% од вработените се на возраст од 56 до 64 години а 35,6% на возраст од 46 до 55 години, додека 32,7% се на возраст од 18 до 45 години. Ако се анализира етничката структура на вработените во ЈП, податоците покажуваат дека 71,68% се Македонци, 17,70% се етнички Албанци, 5,06% се Роми, 2,23% од вработените се Турци, 1,26% Срби, 1,01% не се изјасниле за етничка припадност а под 1% се застапени Бошњаците и Власите.
Според степенот на образование во ЈП доминантни, со 58,71% , се вработени со средно образование а 23,90% се со основно образование. Во ЈП лани имало само 0,03% вработени со звање доктор на науки, 1,14% се магистри и 14,02% се со високо образование.
ЈП со најголем број на вработени….
Под капата на Владата има 13 јавни претпријатија со 4 401 вработен. Од овие државни ЈП најголем број на вработени 1 923 има во ЈП Национални шуми, следува МЖ Инфраструкура со 837 вработени а на трето место е ЈП за одржување и заштита на патишта со 806 вработени.
Собранието е основач на три Јавни претпријатија со вкупен број од 909 вработени и во 2022 та во споредба со 2021 бројот во овие три ЈП е намален за 44 лица.
Во ЈП за јавни услуги формирани од општините и Град Скопје вработени се 2 031 лица и во оваа група со најмногу вработени се ЈСП со 1 268 лица и ЈП Градски паркинг со 244 варботени и ЈП Паркинзи – Центар ( ПОЦ) со 115 вработени.
Сепак најголем број на вработени, 9 899, има во ЈП за комунални услуги, основани од општините и од Град Скопје. Така, први на листа се ЈП Водовод и канализација со 1 148 вработени, ЈП Комунална хигиена со 1 119 вработени, ЈП Паркови и зеленило со 497 вработени. На ниво на другите градови во земјава, ЈП Комунално Струга вработува 138 лица, ЈП Комуналец Прилеп 338, ЈП Зеленило Куманово е со 299 вработени, ЈКП Тетово Ц.О Тетово имало 238 вработени, ЈП Комуналец Кичево 233, ЈП Комуналец Гостивар ЦО Гостивар 57 а ЈКП Дебар е со 50 вработени. Голем дел од ЈП на општинско ниво се на должничката листа, со доспеани а неплатени обврски, а според долговите високо котираат МЖ Инфраструктура, ЈП Водовод и Канализација Скопје, ЈП Водовод Куманово, ЈП Водовод Охрид, ЈП МРТ, ЈП Улици и патишта, ЈП Комунално Струга и други.
Анализа на Порталб