Умерена инфлација, но под ризик од притисокот на цените на странските пазари – според најновите мерења во август во споредба со jули трошоците на живот се зголемени за 0,3 % додека цените на мало за 0,2%, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Сепак, позначајно зголемување на тршоците на живот е забележно кај туристичките аранжамни, авионскиот превоз, хотелиерството, што според економистите е очекувано бидејќи се работи за сезонски фактор – период во кој граѓаните поради летни одмори патуваат.
Што поскапе, а што поевтини на домашниот пазар…
Годишната просечна инфлација во земјава изнесува 1,1 % додека во август таа е на ниво од 0,8%, што е пониска стапка од проектираната. Во најновите оценки на НБМ се посочува дека економијата е во зона на умерена инфлација, но се предупредува и на ризици.
„Инфлацијата и понатаму е во зоната на умерени промени, при просечен годишен раст на цените од 1,1% во првите осум месеци од 2019 година, што е нешто помалку од очекувањата. Неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму е главниот ризик за динамиката на инфлацијата“ – соопштија од Народната банка.
Наспроти статистиките за незначителен пораст на инфлацијата, граѓаните велат дека секојдневно чустуваат дека цените се зголемуваат, особено на дел од прехранбените производи.
„Малку по малку, но цените растат. Секој ден купувам во поголемите маркети и вообичаено одам на зелен пазар. Тука на пазарите цените преку ноќ може да се зголемат, еве дел од зеленчукот сеуште е скап, и тие цени се беа во текот на целото лето“ – вели еден купувач.
При обиколка на дел од зелените пазари “Порталб“ забележа дека цените од пазар до пазар не се разликуваа премногу, иако најевтини и натаму се зелениот пазар на Бит Пазар, пазарот во населба Методија –Андонов Ченто, во Ѓорче Петров, на Зелено пазарче во центарот на градот. Во големите маркети пак цените на зеленчукот и овошјето во однос на оние на пазар се нешто повисоки.
Така на еден од зелените пазари во Скопје килограм граф се продава од 120 денари до 160 денари, колограм јаболко чини 40 денари до 50 денари, килограм краставици и до 60 денари, а исто толку се движи и цената на килограм домат.
Статистиката забележа незначителен пораст на цените на мало за 0,3% во однос на јули.
„Пораст на индексот на трошоците на животот во август 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук (освен компирот и другите коренести плодови) за 6.4 %, маслото и маснотиите за 1.6 %, другите преработки од месо за 0.9 %, свежо овошје, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.7 %, месото за 0.6 %, рибата и морските плодови за 0.5 %, лебот и житата, сушеното и чаденото месо за 0.4 %, јогуртот за 0.3 %, млекото, другите прехранбени производи за 0.2 %“ – објави Заводот за статистика.
Во август инфлацијата беше „подгреана“ и од сезонски фактор – поради туристичките аранжмани и патувањата .
„Базичната стапка на инфлација во август бележи минимално зголемување од 0,1% на месечна основа, додека годишниот раст се сведе на 0,5% (наспроти 1,0% во јули). Структурата на годишниот раст на базичната инфлација во август е слична како претходниот месец, односно највисок позитивен придонес имаат цените на тутунот, а во помала мера придонесуваат и цените на туристичките аранжмани, како и цените на автомобилите“ – се наведува во новиот септемвриски извештај на НБМ.
Во првите осум месеци од годинава во споредба со истиот период лани статистика забележала намалување само на цените за пијалаци за 1,3%.
Цени на светските пазари – кои се очекувањата
Како увозно зависна земја, особено во сегментот на енергенсите, цените на домашниот пазар остануваат детерминирани од движењето на цените на странските пазари. Според прогнозите, годинава странската ефективна инфлација се очекува минимално да се искачи и да достигне ниво од 1,7% додека во 2020 година таа ќе се движи околку 1,8%. Во глобални рамки, сеуште присутна незивесност поврзана со трговските односи меѓу двете моќни економии – на САД и на Кина е еден од факторите од кои ќе зависи цената на нафтата.
„Според најновите оцени, цената на нафтата за 2019 и 2020 година е ревидирана надолу во споредба со априлските проекции, при што сега се очекува поголем пад на цените од предвидениот во април. Надолната ревизија во најголема мера е одраз зголемената неизвесност во трговските односи помеѓу САД и Кина и очекувањата за забавување на глобалниот раст, како и објавените податоци за раст на производството на нафта во земјите членки на ОПЕК во август“ – велат од НБМ.
На светските берзи се очекува намалување и на цените на примарните производи. Во пад се очекува да бидат и цените на храната – пченката и пченицата.
„Цените на пченицата и пченката за 2019 и 2020 година се ревидирани надолу. Така, во споредба со проекциите во април, кај цената на пченицата сега се очекува малку поголем пад во 2019 година и минимален пад, наместо раст во 2020 година, што се должи на високата глобална понуда, како и на силната извозна конкуренција. Во однос на цената на пченката се очекува помал раст од проектираниот во април, во најголем дел како резултат на тековно поволните временски услови за жетва во САД“ – се наведува во најновите објавени макроекономски проекции.
Исклучок ќе биде цената на николот која ќе расте, пред се поради зголемената побарувачка и очекувањата за намалена понуда, особено по објавата за воведување целосна забрана за извоз на руда на никел од страна на Индонезија од почеток на 2020 година.
Сепак сите овие очекувања се дел од прогнозите кои секојневно се под ризик-фактори кои можат да го променат текот.
„Најновите проекции на цените на примарните производи на светските берзи за 2019 и 2020 година упатуваат на надолна ревизија на речиси сите цени во однос на априлските оцени, со исклучок на цената на никелот, којашто е ревидирана нагоре. Сепак, движењата и оцените за цените на примарните производи се исклучително променливи, што создава поголема неизвесност околу нивната идна динамика и ефектите врз домашната економија, особено на подолг рок“ – велат од Народната банка.
Натамошните трговски тензии помеѓу САД и Кина, како и очекувањата за забавување на глобалната економска активност ќе ја “урнат“ и цената на бакарот годинава и догодина.
Анализа на Порталб