Раст на Бруто-надворешниот долг и на јавниот долг, намалување на државниот долг на крајот од август. Новите податоци покажуваат дека задолженоста на државата сепак се зголемила во првото економско полугодие. Овој тренд е очекуван, економијата уште се бори со ковид-рестрикции кои Владата треба да ги „амортизира“ преку директна помош и поддршка, велат економистите, пишува „Порталб“. Според прогнозите задолженста на земјава ќе расте и догодина – но клучно прашање за одржливост на финансиите е дали ќе се остварат и проектираните стапки на економски раст.
Со раздолжената Еврообврзница се намали државниот долг, со новата се зголеми…
Новите податоци од Министерството за финансии упатуваат на сигнали на економско закрепнување – нивните податоци покажале дека во второто економско полугодие се очекува излез од „кризата“. Информираа дека државниот долг на почетокот од септември во однос на состојбата на крајот од првото полугодие се намалил за 3,9 процентни поени и сега бил на ниво од 52 %.
„Ова е резултат на отплатата на Евообврзницата во износ од половина милијарди евра што се случи во јули“, велат од Министерството за финансии.
Сепак, податоците за движењето на здолженоста на државата во текот на првото економско полугодие упатуваат дека се достигнати историски највисоки вредности. Според податоците на Народната банка – Бруто надворешен долг достигна 84,5% од БДП во првиот квартал од годинава, конкретно изнесува 9,8 милијарди евра. Во споредба со состојбата од крајот на 2020 та, Бруто надворешниот долг е зголемен за 1,2 милијарди евра.
Ефект врз ваквиот пораст на задолжувањата кон странство има последната Еврообврзница што ја издаде Владата.
„Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 900 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемениот јавен и приватен долг (за 599 и 302 милиони евра, соодветно). Растот на јавниот долг се должи на зголемените обврски на секторот „држава” за 600 милиони евра, со оглед на издавањето нова евро обврзница, додека пак обврските на јавните банки и јавни претпријатија се намалија за 3 милиони евра“, објаснуваат од Народната банка.
Во последната мајска Фискална стратегија власта прогнозираше дека и годинава и догодина државните долгови ќе растат, а веќе од 2023 се очекува „фискална консолидација“ – пред се преку намалување на буџетскиот дефицит.
„Во периодот 2022-2026 година предвидено е буџетскиот дефицит да се движи во следниве рамки: 32,7 милијарди денари во 2022 година на 22,5 милијарди денари во 2026 година. Ова значи дека во овој среднорочен период се предвидува постепена фискална консолидација, односно учеството на буџетскиот дефицит во БДП ќе се намали од 4,3% во 2022 година на 2,2% во 2026 година. Финансирањето на планираниот дефицит, како и отплатите на долгот, ќе се обезбедуваат преку задолжување од странски и домашни извори“, се наведува во документот на Министерството за финансии.
Според економистите, очекувано е дека во време на долга и длабока здравствена криза, државата мора да обезбеди заеми за поддршка и помош на погодените сектори и дејности, да обезбеди ликвидност за функционирање на Буџетот, но важно ќе биде дали темпото на задолжување ќе биде проследено со планираните стапки на раст кои ќе значат „одржливост“ на долгот, коментираат економистите.
И со проектираните стапки на раст повисоки од 5%, во следните години долгот мора да се намалува, велат аналитичарите.
„Во поглед на проекциите сврзани со долгот, сметам дека се коректни, но недоволно ја одразуваат амбицијата за борба со сивата економија. Имено, одлучна и систематска борба со сивата економија ќе ја олесни фискалната консолидација и без преголеми промени во даночните стапки, и токму заради тоа таа е важна. Во секој случај, тенденцијата на фискалните власти мора да остане кон намалување на долгот под 60% од БДП на среден рок“, изјави неодамна за „Порталб“, професорот Марјан Петрески.
Првото економско полугодие заврши со нови „пикови“ на Јавниот и на Државниот долг. На крајот на јуни, Јавниот долг изнесувал скоро 7,4 милијарди евра додека Државниот долг достигна ниво од 6,4 милијарди евра.
Анализата на структурата на Јавниот долг покажува дека најголем дел или 5,1 милијарда евра е надворешен долг додека останатите 2,3 милијарди евра се внатрешен долг. На домашниот пазар, најголеми државни „кредитори“ се комерцијалните банки, осигурителните компании и пензиските фондови. Во меѓувреме, и покрај растечкиот тренд на раст на Јавниот долг, реномираната агенција „Стандард и пурс“ ја задржа оценката за земјава, односно го потврди кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед. Од Министерството за финансии велат дека годинава ќе се оствари стапката на економски раст од 4,1% а долгот ќе се позиционира на 60% од БДП. „Стандард и пурс“ пак прогнозира дека државниот долг, до 2024 година ќе достигне 58 проценти од БДП.
Анализа на Порталб