Официјално – пописот во земјава почна. На 1 март започна попишувањето на нерезидентното население – луѓето кои повеќе од една година се надвор од земјава, главно дијаспора. Статистичката операција која треба да го „пребори“ населението ќе биде дочекана со загрижувачки податоци кои досега „премолчено“ се коментираа во јавноста, пишува „Порталб“. Еден од нив што се очекува да исплива на површина е егзодусот на „мозоци“.
Стратегија за спречување на „одлив на мозоци“ има – дали има ефекти?
Незапирлив тренд на одлив на високообразован кадар од земјава. Во 2010 година, според проценките на Светска банка 29,1% од високообразованите луѓе во земјава заминале да живеат или работат во странство. Девет години подоцна состојбата е драстично влошена.
„Според последните податоци и издадената анализа во 2019 година стапката на високообразован кадар што живее и работи во странство е особено висока и изнесува скоро 40% или повеќе од една третина од високообразованиот кадар“ – нотира анализата.
„Владино планирање – ефективност на владините мерки за справување со ризиците на пазарот на труд и начинот на планирање на средствата за надминувување на истите“, на државните ревизори.
Претходно беа објавени клучните наоди од оваа анализа кои се однесуваат на горливиот проблем „младинската невработеност“ како и на невработеноста која е последица на Ковид-19 кризата, но ова истражување содржи сериозни забелешки за тоа дали институциите ги спроведуваат мерките за да се запре „белата чума“. Така, ревизорите потсетуваат дека Министерството за образование има изготвено Национална статегија за спречување на одлив на високообразован и стручен кадар 2013-2020, а за нејзино реализирање бил изготвен и Акциски план до 2014, но не и до 2020 година.
„По спроведените интревјуа и разговори со надлежни лица ревизијата не доби информација ниту извештаи за реализација на утврдените цели и активности од стратегијата. На ваков начин и покрај вложените ресурси за изработка на ваков значаен стратешки документ за намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри, ревизијата не доби докази дека стратегијата заживеала во пракса и без образложение за истото“, забележуваат ревизорите.
За една година – 5000 нови луѓе пријавиле дека ја напуштиле Македонија
Ревизорите ги нотираат институциите кои го регистрираат „одливот“ на луѓе, привремено или трајно заминати во странство. Дел од тој ланец се МВР и Државниот завод за статистика. Така се забележува дека различни институции раполагаат со различни податоци за тоа колку луѓе со какво обарзование ја напуштиле земјава.
Овие податоци покажуваат дека само за една година Министерството за внатрешни работи регистрирало 5 000 нови луѓе кои пријавиле престој во странство – или ја напуштиле Македонија. Според Државниот завод за статистка пак само за една година за повеќе од четири пати е зголемен бројот на отселени граѓани со високо образование. Без разлика што податоците доаѓаат од различни извори и мерени се според различни критериуми – епилогот е ист, на годишно ниво драматично се зголемува бројот на граѓани што ја напуштаат земјава.
„Причините кои водат до одлив на мозоци генерално се должат на можностите за вработување, повисоки плати, професионално унапредување и обука, подобра иднина за членовите на семејството како што се можности за образование на децата и подобри услови за живеење и работа“, заклучуваат ревизорите.
На крајот од минатиот месец Агенцијата за вработување регистра 13 262 невработени со високо образование.
Одливот на високообразовани луѓе станува сериозен проблем, кој според анализата на ревизорите, го менува пазарот на работна сила во земјава што резултира со недостиг на образован и квалификуван кадар во фирмите во земјава.
Анализа на Порталб