Откако доцна синоќа банките доверители на Фени им дале рок на бугарски „Енекод“ да исплати плати пред почетокот на рочиштето за стечај, закажно за денес во 12 часот, бугарската компанија ги известила банките дека не е во можност да исплати плати.
„Банките доверители ја информираат јавноста и вработените во ‘Фени’ дека утрово добија е-пошта од господинот Рајчо Кацаров од ‘Енекод’ со кој, покрај писмено доставување на понудата за преземање на ‘Фени’, известуваат дека во врска со поставениот предуслов од страна на банките доверители, нема да бидат во можност да ги исплатат платите на вработените“, известија банките.
Бугарската компанија синоќа усно им дала нова понуда за преземање на фабриката, а банките ги условиле да ја достават во писмена форма до почетокот на денешното рочиште за отворање стечај, да ја исплатат платата на вработените.
Условот не е исполнет и банките остануваат на ставот да се отвори стечај за фабриката кој ќе значи реструктуирање и рестартирање со нов инвеститор.
Банките најавија дека веќе имаат понуда од заинтересиран инвеститор, кој е подготвен веднаш по отворање на стечајната постапка да депонира 3 милиони евра во банка во Македонија, со цел подмирување на неодложните обврски и трошоци во постапката, вклучувајќи ги и платите на вработените и другите обврски.