30 милиони евра од Светска Банка за унапредување на човечкиот капитал

Од:

Денеска започна реализацијата на проект во вредност од 30 милиони евра од Светска банка за унапредување на човечкиот капитал. Станува збор за Проектот за подобрување на социјалните услуги.
Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека со овој проект ќе се зголеми опфатот на децата во градинките и ќе се овозможат подобри социјални услуги и инклузија.

– Опфатот на децата во градинки во Македонија e околу 30%. Владата има за цел опфатот да изнесува 50%. Новиот проект со Светска банка за подобрување на социјалните услуги, несомнено ќе даде голем придонес во тоа. Проектот е насочен кон подобрување на претшколското образование, зголемување на неговиот опфат, како и подобрување на квалитетот на социјалната и детската заштита – рече Тевдовски на денешната конференција “Поттикнување економски раст преку развој на човечкиот капитал во земјите од Западен Балкан“.

Според Линда Ван Гелдер, регионален директор на Светска Банка за Западен Балкан, владите играат клучна улога во креирањето на еднакви можности за сите граѓани.

– Многу сум задоволна што Владата избра да соработува со Светската банка за да ги зајакне инвестициите во човечкиот капитал. Неодамна одобрениот проект за подобрување на социјалните услуги ќе го прошири снабдувањето и подобрувањето на пристапот до добро насочени социјални бенефиции и услуги за образование во раното детство. Тоа ќе ја зајакне испораката на услуги за социјална и детска заштита. Овој комбиниран пристап ќе ја подобри интеграцијата и вклучувањето на ранливите деца. На крајот на краиштата, овие услуги ќе го отворат патот за развој на поконкурентни и поспособни граѓани и ќе придонесат кон затворање на празнините во можностите и социјалната инклузија за сите – истакна Гелдер.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вели дека со Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се постигнат значајни резултати кои се во согласност со тековната реформа за социјална заштита и заштитата на децата.

– Ќе го зголемиме пристапот и квалитетот на социјалните услуги, вклучувајќи ги и предучилишните услуги. Ќе создадеме дополнителни 7.500 нови места во предучилишните установи преку изградба на нови објекти и пренамена на постоечки јавни објекти, како во урбаните така и во руралните подрачја. Со проширувањето на мрежата на предучилишни установи ќе го зголемиме опфатот на деца од 3 до 6 години во предучилишните установи на 46,5% – вели Царовска.

Со имплементацијата на проектот се очекува и повеќе од 3.000 корисници да имат бенефит од новите вониституционални социјални услуги обезбедени на локално ниво.
Министерот за финансии, Тевдовски нагласи дека во новата Стратегија за соработка со Светската банка има и други нови проекти за унапредување на човечкиот капитал во земјава.

– Тука е Проектот за примарна здравствена заштита. Тој ќе биде насочен кон реформи и инвестиции во примарниот здравствен сектор. Тука се и проекти за јакнење на вештините, претприемништвото, проекти од социјалата и животната средина. Вкупната вредност на проектите од стратегијата е околу 400 милиони долари и треба да се спроведе во наредните 4 години, информира тој.

Денеска беа одбележани 25-години од соработката со Светска банка.

Би можело да ве интересира

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Светска банка планира да одвои околу 700 милиони евра за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија